Се реконструира паркот во Капиштец

 

Општина Центар ја почна реконструкцијата на паркот во Капиштец, меѓу улиците „Народен Фронт“ и „Васил Ѓоргов“.

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски истакна дека се работи за површина од 20 илјади метри квадратни. Појасни дека нема да се уништува зеленилото и додаде оти ќе има и дополнителни, нови, зелени површини.

- Ќе се засадат 16 нови високи дрвја и на целата површина ќе се постават декоративни зимзелени садници со колоритни бои. Системот на полевање ќе биде автоматски, од бунар. Тенденција на општина Центар за полевање на општинското зеленилото е да не се користи питка вода, туку техничка вода, од бунар, рече Жерновски.

Сите клупи во околината ќе бидат заменети со нови, ќе бидат поставени нови канти за отпадоци, две чешми за пиење вода и две подни фонтани за разладување. Општина Центар на овој дел ќе постави три вида осветлување-високо, подно и амбиентално (осветлување сместено во зеленилото).

Двете детски игралишта кои се наоѓаат на овој потег, од улиците „Народен Фронт“ и „Васил Ѓоргов“, комплетно ќе се реконструираат и ќе бидат доопремени со нови, дрвени реквизити и безбеден гумен под. Нов изглед ќе добие и кошаркарскиот терен. Старите метални огради во околината ќе бидат заменети со огради од ламелирано дрво.

09.07.2014 - 14:04
Фото: 
денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега