Иванов: Разрушеното Скопје беше појдовна точка за земјотресното инженерство во Европа

 

Денеска во Скопје, под покровителство на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, се одржува Меѓународна конференција по земјотресно инженерство.

- Скопскиот земјотрес постави еден голем предизвик пред светската јавност. Предизвик што може да се сумира со една актуелна тема, а таа е обезбедување на побезбедна иднина за нашите деца. Вие експертите од земјотресното инженерство давате дел од одговорот на дилемата. Разрушеното Скопје стана појдовна точка за земјотресното инженерство во Европа. Од голема трагедија се јави нова можност, истакна претседателот Иванов на денешното воведно обраќање на конференцијата.

Со ваша помош, рече тој, можеме да креираме добри, научно втемелени, применливи и долгорочно одржливи политики кои можат да бидат реално спроведени од надлежните институции на државите.

Институтот за земјотресно инженерство (ИСИИС) неодамна стана Институт на УНЕСКО од категорија 2, единствен таков што работи на полето на земјотресното инженерство, сеизмологијата и намалувањето на ризиците од големи земјотреси.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски во своето обраќање го истакна големиот придонес на ИСИИС за воспоставените стандарди за асеизмичка градба, како и големиот број објекти каде тие стандарди се имплементирани и дека Градот Скопје сериозно ја сфати потребата од ваков пристап во градењето.

- Скопје успеа да се крене од пепелот и да прерасне во модерна престолнина на Македонија и да стане симбол на меѓународната солидарност. Земјотресот  исто така ја зголеми и свеста за потребата од планирање и изградба на објекти кои ќе можат да им одолеат на вакви природни катастрофи, со единствена цел да се  избегне и намали губењето на човечките животи и материјални богатства, истакна Трајановски.

Несомнено е, рече тој, дека и скопскиот земјотрес придонесе во обединување на научната и стручната мисла и иницираше истражувања на различните аспекти на оваа природна катастрофа.

На конференцијата, која Македонската асоцијација за земјотресно инженерство (МАЕЕ) ја организира по повод 50 години од скопскиот земјотрес од денеска до 31 мај во Скопје, ќе се разменуваат искуства  на најновите резултати од истражувања и дизајн иновации во областа на земјотресно инженерство, сеизмичко проектирање на инженерски проекти, како и за теми во областа на експерименталната техника и тестирање на сеизмички платформи

најчитано сега