Николоски и Трајановски на терен: Експресениот пат Куманово – Ранковце-Крива Паланка ќе го завршиме до крај на годината

 

До нова година очекувам експресниот пат Ранковце – Крива Паланка да биде завршен. Се гради во два лота и едниот е завршен  околу 71 отсто, вториот- 91 отсто, рече при денешниот увид во работите на терен Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП „Државни патишта“, Коце Трајановски ја посетија локацијата кај Општина Ранковце кадешто интензивно се работи на патот.

-Изминатите четири недели ги искористивме за да ги разгледаме ситуациите што ги наследивме, коишто за жал не се ни малку добри, но и да бараме решенија затоа што бевме избрани за да бараме решенија. Решенијата полека ќе доаѓаат, едно по друго и проектите ќе се завршуваат. Ова е проект на кој не било посветено внимание. Заедно со директорот на ЈПДП посветивме и ќе посветуваме сериозно внимание во следниот период и можам со задоволство да ви кажам дека овој експресен пат до Нова година ќе биде готов и веќе после Нова година ќе може да го користат сите жители и на Македонија, и на Бугарија, сите останати што патуваат и на овој начин ќе ја развиваме Македонија, рече Николоски.

Посочи дека затекнале проект со слаба динамика на работа што имал свои проблеми во минатото.

- Проектот е делумно финансиран со заем од Светска банка, пари што треба да ги вратиме, а делумно, се грант од околу 14 милиони евра. Сакам да се заблагодарам за грантот, сума што за држава како Македонија не е мала работа. Во однос на изведбата на патот, има проблеми со експропријација, има проблеми со изведба, но тоа е наша работа, јас кажав пред некое време, што ќе правиме - ќе правиме, работите ќе ги завршуваме. Мислам дека граѓаните од нас очекуваат решенија, а не образложенија и во следниот период ќе нудиме решенија и ќе ги завршуваме работите, рече Николоски.

Директорот на ЈПДП, Трајановски, истакна дека активностите на патот се отпочнати во 2018 година, а со оглед на реализацијата на градба на двата лота од патот, Страцин-Длабочица и Длабочица-Крива Паланка, од 71 и 91 отсто реализација, очекуваме да бидат завршени до Нова година.

-Денеска сме тука да направивме увид заедно со министерот за транспорт и врски. Овој пат е  во должина од 25 километри, поделен на два лота: Страцин – Длобочица, во должина од 15 километри и Длобочица - Крива Паланка, во должина од 10 километри.  Вредноста на целата инвестиција е 93,7 милиони евра, со тоа што на првиот лот е 43 милиони евра, а на вториот е околу 50 милиони евра. На терен сме постојано и како ЈПДП и како Министерство за транспорт и врски, а голема е помошта од локалната самоуправа, од градоначалникот на Ранковце и месното население, рече Трајановски.

Истакна, експресниот пат Ранковце-Крива Паланка ќе овозможи многу побрза комуникација од Скопје преку Куманово со Крива Паланка и секако,рече, ова е дел од Коридорот 8 со којшто се поврзуваме меѓу Софија и Скопје.

Министерот Николоски рече дека ова сообраќајно решение ќе помогне да се развие бизнисот, луѓето да приходуваат повеќе и да остануваат да живеат во местата од коишто потекнуваат.

-Овој експресен пат ќе помогне да се забрза комуникацијата со Софија, да се скрати времето на патување како би се отворил нашиот главен град и кон Софија и како патувањето би дошло на некои пристојни два и пол часа помеѓу Скопје и Софија и на тој начин да го отвориме Коридор 8, изјави Николоски. 

23.07.2024 - 12:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега