Незадоволителен интерес за ХПВ вакцинација во Куманово

 


Незадоволителен е интересот за примање на ХПВ вакцината кај децата од Куманово, соопштија денеска надлежните од Здравствен дом Куманово.

Во текот на Неделата на борба против рак на грлото на матката, лекарите повикуваат децата да се вакцинираат за да се избегнат компликации. Вакцината која што се дава во земајава, посочуваат, е безбедна и е од холандско производство.

-Сепак, постои одреден скептицизам така што ние во земјава не можеме да кажеме дека сме сосема задоволни со процентуалната застапеност на оваа вакцина. Постојано ги едуцираме родителите за бенефитите од вакцинирањето. Вакцината за заштита од хуман папилома вирусот којшто е најчесто причинител на преканцерозни лезии коишто како причина се појавуваат за карцином на грлото на матката. Вакцината кај нас е задолжителна се спроведува во основните училишта по дванаесетгодишна возраст, во седмо одделение во основните училишта, изјави д-р Валентина Богоевска Димитриевска, началник на превентива од Здравствениот дом.

Од мај 2024. вакцината може да се дава и на машките и претставува заштита за општата популација, бидејќи машките можат да ја пренесат инфекцијата.

-Застапеноста се движи од 50 до 60 проценти во Куманово. Во одредени средини надминува и 95 отсто во некои училишта. Сепак има одредени училишта, централни градски, каде опфатот е понизок, што се должи на антивакциналната кампања во светски рамки. Кај нас е деветвалентна и штити од девет слоеви на хуман папилома вирус којшто предизвикуваат канцер, изјави д-р Богоевска Димитриевска.

Во одредени земји како Белгија и Австралија се очекува наскоро да исчезнат ХПВ инфекциите.

Лекарите повикуваат сите заеднички да се заложат за искоренување на одредени болести преку вакцинацијата.

-Треба информативни емисии, треба разговори, сите кои имаат дилеми можат да дојдат, да се обратат кај нас и подготвени сме да објасниме. Владее мислење дека после примената вакцина против ХПВ доаѓа до стерилитет. Тоа воопшто не е точно, вистината е поинаква, почестите ХПВ инфекции можат да доведат до стерилитет, додава докторката.

Таа повика на поголема свест кај одредени родители во интерес на здрава популација.

Инаку, според статистичките податоци околу 150 жени годишно се разболуваат од карцином на грло на матка.

ХПВ вакцината обезбедува долготрајна повеќегодишна заштита од инфекции предизвикани од хуман папилома вирус и од развој на преканцерозни лезии. Во однос на заштитата веќе се достапни податоци за потврдена ефикасност од примената од повеќе од деценија и пол години на оваа деветвалентна вакцина во западно-европските држави.

24.01.2025 - 15:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега