Нетанјаху: Израелската армија ја завршува мисијата во Џенин
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека израелските одбранбени сили „ја завршуваат својата мисија“ во Џенин на Западниот Брег, по два дена голема воена операција на окупираната територија.
Тој најави дека Израел ќе продолжи да дејствува со цел „искоренување на тероризмот“ и нема да дозволи Џенин повторно да стане „жариште на теророт“, пренесоа израелските медиуми.
– Во овој момент ја завршуваме мисијата и можам да кажам дека нашата голема акција не е еднократна работа, рече Нетанјаху за време на посетата на воен пункт на Западниот Брег.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, кој стоеше до Нетанјаху, рече дека во изминатите две години Џенин станал „фабрика за тероризам“ и оти во изминатите два дена тоа завршило.
– Го прекинавме процесот на производство на оружје, ги запленивме бомбите, уништивме десетици производствени локации, работилници и лаборатории за експлозиви, рече Галант.
Израел вчера ја започна најинтензивната воена операција на окупираниот Западен Брег во последните две децении. Израелската армија со дронови нападна бегалски камп во Џенин и испрати стотици војници во упориштето на екстремистите.
Денеска продолжи големата операција, а бројот на убиените Палестинци синоќа се искачи на десет. Најмалку 100 луѓе се ранети, од кои 20 потешко.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа