Народна банка: Каматните стапки остануваат исти

 


Каматната стапка на благајнички записи останува на истото ниво од 5,35 проценти, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена се задржуваат на нивоата од 3,95 проценти и 4 проценти. Непроменета останува и понудата на благајничките записи на редовната аукција односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Ваква одлука донел Извршниот одбор за монетарна политика на Народната банка на вчерашната седница.

„Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со економските услови и ризиците коишто произлегуваат од домашното и надворешното окружување. Овој пристап на монетарната политика е поддржан и со неодамнешните промени кај задолжителната резерва, затегнувањето на  макропрудентните мерки во делот на критериумите на кредитната побарувачка, како и со зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот за дополнителни 0,25 процентни поени. Комбинацијата на овие мерки е насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс, како и кон заштита од можни идни системски ризици“, се вели во денешната информација од Народната банка.


 

Во однос на инфлацијата во август, Народната банка оценува дека таа се уште е над проектираното ниво и дека и понатаму е потребна внимателност.

„Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци во споредба со очекувањата. И покрај тоа, сѐ уште постои неизвесност околу идните движења на светските цени на примарните производи поради геополитичките тензии и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката“, велат од Народната банка.

Состојбата на девизниот пазар се оценува како стабилна со нивото на девизните резерви од 4.754,4 милиони евра на крајот на август, а растот на економската активност во вториот квартал од годината изнесувал 3,4 проценти на годишна основа и ваквото остварување е малку повисоко во однос на оценката за вториот квартал во рамки на априлскиот циклус проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија.

Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, што е над очекувањата. Во јули депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки во однос на априлските проекции“, соопшти Народната банка.

17.09.2025 - 12:15

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега