Најниската е за 150 евра повисока од македонската - објавени минималните плати во Европската Унија
Најниската минимална плата во Европската Унија во јануари 2025 година е регистрирана во Бугарија – 551 евро, додека највисоката ја исплатува Луксембург – 2.638 евра, покажуваат податоците на Евростат.
Според анализата, минималната плата е законски утврдена во 22 од 27 земји-членки на Унијата. Исклучок се Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска, каде не постои законски пропишана минимална месечна заработка.
Во десет земји минималната плата е пониска од 1.000 евра. Освен Бугарија, на дното се и Унгарија (707 €), Латвија (740 €), Романија (814 €), Словачка (816 €), Чешка (826 €), Естонија (886 €), Малта (961 €), Грција (968 €) и Хрватска (970 €).
Во средниот сегмент – со минимални плати меѓу 1.000 и 1.500 евра – се Кипар (1.000 €), Португалија (1.015 €), Литванија (1.038 €), Полска (1.091 €), Словенија (1.278 €) и Шпанија (1.381 €).
Над 1.500 евра минимална плата исплаќаат Франција (1.802 €), Белгија (2.070 €), Германија (2.161 €), Холандија (2.193 €), Ирска (2.282 €) и Луксембург (2.638 €).
Според номиналните износи, највисоката минимална плата е дури 4,8 пати поголема од најниската. Но, доколку се земе предвид куповната моќ преку т.н. стандард за куповна моќ (PPS), тогаш разликите се значително помали. Така, во Естонија минималната плата изнесува 878 PPS, додека во Германија 1.992 PPS – што е разлика од 2,3 пати.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа