Најмалку 70 повредени при упадот на толпа во институциите во Бразил
Најмалку 70 лица се повредени, од кои шест потешко, во упадот на демонстрантите во институции во Бразил, соопшти денеска бразилското Министерство за здравство, а пренесува Си-Ен-Ен.
Според информациите, повредените побарале лекарска помош, тешко повредените се задржани во болница, а никој не починал.
Меѓу повредените има новинари и полицајци. Претходно медиумите објавија дека најмалку 12 новинари биле повредени додека известувале за насилните настани во Бразилија.
Поддржувачите на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, кои не го признаваат неговиот изборен пораз од левичарот Лула Да Силва, со месеци кампуваат во Бразилија пред зградата на Генералштабот, барајќи од армијата да интервенира бидејќи изборите наводно биле украдени.
Вчера стотици демонстранти маршираа кон зградите на Конгресот, Врховниот суд и Претседателството, упаднаа во нив и направија огромни штети. Бразилските безбедносни сили уапсија околу 1.200 луѓе.
Болсонаро полета во САД ден пред новата година со очигледна намера да избегне да присуствува на инаугурацијата на Лула де Силва, која се одржа на 1 јануари. Поранешниот претседател денеска од Америка ги демантираше обвинувањата на Да Силва дека е вмешан во она што се случи вчера во Бразил и го осуди насилството на неговите поддржувачи.
Внукот на Болсонаро Леонардо Родригес де Хесус, наречен „Лео Индио“, бил идентификуван меѓу учесниците на протестот кои упаднале во зградите на федералните власти, јавува Си-Ен-Ен.
Вчера Индио објави неколку видеа и фотографии на својот Инстаграм профил на кои се гледа како стои во толпата околу бразилскиот конгрес.
Во едно „селфи“, очите на Индио се многу очигледно крвави.
Индио потоа објасни дека неговите очи биле такви поради солзавецот испукан од безбедносните сили.
Тој негираше дека бил вмешан „во каков било вандализам“ и тврди дека одговорноста за уништувањето на зградите на федералната влада е кај „маскирани вандали и кукавици кои се облекле како патриоти“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа