Најмалку 27 мртви во израелските напади врз Појасот Газа
Најмалку 27 лица беа убиени во израелските воздушни напади во Појасот Газа денес, соопштија болнички претставници, додека палестинската група Хамас разгледува нов предлог за прекин на огнот што Израел го прифати.
Во израелскиот напад врз Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, 13 лица, меѓу кои и осум деца, беа убиени попладнево кога беше погоден шатор во кој беа сместени раселени лица, соопштија болнички претставници, според Асошиејтед Прес.
Порано во текот на денот, во израелските напади во северниот дел на Појасот Газа загинаа најмалку 14 лица, соопштија болнички претставници и болничари.
Службениците во болницата Шифа изјавија дека денес од блискиот бегалски камп Џабалија биле донесени 12 тела, додека палестинската Црвена полумесечина соопшти дека две тела биле префрлени во болницата Ал Кудс во градот Газа.
Израел започна воена операција во Појасот Газа по нападот на палестинските екстремисти предводени од Хамас на јужна израелска територија на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 лица.
Оттогаш, 54.000 Палестинци, претежно жени и деца, се убиени во Појасот Газа, според Министерството за здравство на владата на Хамас, кое не прави разлика помеѓу борци и цивили.
Белата куќа вчера објави дека Израел го прифатил новиот предлог на САД за привремено прекин на огнот во војната со Хамас.
Функционерите на Хамас првично изјавија дека предлогот има за цел да ја одржи политиката на Израел за убивање и изгладнување на луѓето во Газа, но подоцна изјавија дека ќе го разгледаат детално.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа