Најголеми пожари во Турција годинава, горат домови, има повредени

Шумските пожари кои беснеат низ западна Турција, најлошите оваа година, повредија повеќе од 20 лица, објавија властите. Градоначалникот на Измир, Џемил Тугај, на „Икс“ објави дека во тој град се повредени 21 лице, но ниту едно од нив нема повреди опасни по живот.

Пожарникарите се борат да ги локализираат шумските пожари во пет турски провинции, соопшти Министерството за шумарство, иако пожарот што во четвртокот избувна во западниот регион на Измир стивна и станбените области повеќе не се загрозени.

Пожарот во областа Каршијака во Измир е предизвикан од оган што го запалиле три лица на пикник во близина на шумска област, изјави пред новинарите министерот за шумарство Ибрахин Јумакли.

„Интензитетот на пожарот е намален и во моментов веќе нема никаков ризик за населените места“, рече Јумакли. Пожарот гори во долина која е тешко достапна, додаде тој.

Пожарот, дополнително разгорен од силните ветрови, во петокот се доближи до станбените области на Измир, оштетувајќи домови, деловни објекти и принудувајќи ги луѓето да се евакуираат. Пожарникарите исто така се обидуваат да ги локализираат шумските пожари во западните провинции Ајдин и Маниса, како и во северните провинции Болу и Карабук, рече министерот за шумарство Јумакли.

Генералниот директорат за шумарство предупреди на висок ризик од шумски пожари во 12 провинции во северна и западна Турција во следните десет дена поради високите температури, ниската влажност и силниот ветер.

18.08.2024 - 11:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега