МВР со предупредување: Бидете внимателни, зголемен е бројот на фишинг напади - не дозволете да ве измамат
Во врска со зголемениот број на измами што годинава беа забележани, а кои опфаќаат фишинг напади и случаи на лажно претставување во име на Пошта на Северна Македонија, како и на други државни институции и правни субјекти, Секторот за компјутерски криминал при МВР ги известува граѓаните дека главната цел на фишинг измамите е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера да посети лажна веб-страница преку која со оставање на неговите лични податоци може да се предизвикаат дополнителни злоупотреби на истите, информира МВР.
„Овој тип на фишинг напад доаѓа во форма на СМС пораки во кои се известуваат граѓаните дека имаат наводна пратка на нивно име, за која е потребно да доплатат многу мала сума за испорака. Во СМС пораката исто така има URL линк, кој води до веб страна што е дизајнирана да изгледа како легитимна веб страна на Пошта на Северна Македонија, како и на други државни институции и правни субјекти. Преку форма за внес на податоци граѓаните ги внесуваат податоците на своите платежни картички. Обично веднаш се извршува плаќањето на првобитната сума, за после некое време да се изврши поголема трансакција.
Овие електронски пораки се класичен обид за измама со цел прибирање на лични податоци за нивна понатамошна злоупотреба. Затоа, апелираме до сите граѓани да бидат внимателни, да не ги отвораат овие пораки и никако да не контактираат со испраќачот преку доставениот линк или да споделуваат лични податоци доколку тоа се бара.
Во последниот период, овој тип на измами заземаа друга форма каде што граѓаните се изманипулирани да инвестираат на лажни платформи за инвестирање и тргување на криптовалути. Измамата типично почнува со тоа што жртвата ќе пронајде и ќе се регистрира на наводна платформа за инвестирање и тргување со криптовалути, за подоцна да биде контактирана (најчесто телефонски) од странски телефонски броеви од страна на непознатите сторители. Сторителите се претставуваат како советници за инвестирање и финансии, и ќе отпочнат интензивна и долга комуникација со жртвите, притоа наведувајќи ги да вложуваат се повеќе финансиски средства. Во текот на комуникацијата, непознатите сторители цело време напоменуваат дека жртвата во секое време може да ги повлече уплатените финансиски средства, како и остварените добивки. Но кога ќе дојде моментот за тоа да се оствари, сторителите измислуваат разни препреки и дополнителни давачки за остварување на истото.
Со цел да се заштитат граѓаните од ваков тип на измами, Секторот за компјутерски криминал препорачува да не се отвораат сомнителни линкови и датотеки прикачени во е-маил пораки од непознати испраќачи, да не се одговара на непознати телефонски броеви, како и да не се оставаат свои лични податоци, податоци од свои платежни картички на непознати веб страни и платформи. Исто така, доколку граѓаните пронајдат одредени платформи или сервиси за инвестирање од било каков тип, задолжително да извршат проверка на интернет за нивната легитимност и автентичност, односно дали исполнуваат одредени критериуми за меѓународна регулација за брокери“, стои во соопштението од МВР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа