Мисајловски: Горд сум на професионализмот на Армијата

 


Министерот за одбрана, Владо Мисајловски денеска (9 април) заедно со началникот на Генералштабот, генерал- мајор Сашко Лафчиски во кумановската касарна „Боро Менков“ ја посетија Командата за операции на македонската Армија – команда во чиј состав функционираат сите видови на родови и служби во Армијата.

За време на посетата министерот беше брифиран за активностите на Командата, како и за следните планови за развој. Мисајловски рече дека е горд на припадниците кои се дел од Командата и единиците во нејзин состав, при што додаде дека тие се вистински приказ за професионализмот во Армијата и за посветеноста кон безбедноста и сигурноста на граѓаните. Министерството ќе продолжи посветено да работи во поддршка на развојот на Армијата, особено во процесот на модернизација и опремување, порача министерот на заедничката средба.

Заедно со министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски, Командата за операции ја посетија и заменикот на началникот, генералот Азим Нуредин и директорот на Генералштабот генералот Орце Јордев кои беа пречекани од командантот на Командата, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски.

Во структурата на Командата за операции функционираат Првата пешадиска бригада, Воздухопловниот ВИНГ, баталјонот на воената полиција, баталјонот за врски, извидувачко-разузнавачкиот баталјон, баталјонот за специјални сили и четата за атомска, биолошка и хемиска одбрана.

09.04.2025 - 14:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега