Министерот Љутков добитник на меѓународна театарска награда

 


Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков на својот Фејсбук профил сподели дека денеска ја добил наградата „Меѓународна награда Да за уметност“, која му ја доделила реномирана комисија за Медитарански меѓународни театарски награди од Турција.

„Со голема радост ја примив веста за укажаната чест на реномираната комисија за Медитарански меѓународни театарски награди од Турција која ми го додели големото признание, наградата „Меѓународна награда Да за уметност“. Оваа награда не е само признание за моите напори за силен развој во областа на театарот и културата воопшто, туку и уште една потврда за големата важност на уметноста во општественото живеење“, напиша Љутков.


Во објавата тој им се заблагодари на сите соработници, на пријателите и поддржувачите кои му помагале сите овие години во неговата работа и целосна посветеност на културата.

„Ова признание е резултат на заедничките напори и апсолутната заложба за развој на уметноста и културата во нашата земја, особено во реализацијата на меѓународни фестивали, како и за активниот придонес на сцената како додатен импулс за поголеми театарски и културни височини на домашната, а со тоа и на меѓународната сцена. Посебна благодарност до Изборната комисија на Медитеранските меѓународни театарски награди за оваа чест. Со нетрпение очекувам да се сретнеме на церемонијата на врачување на наградите што ќе се одржи на 20 септември оваа година, кога заедно со другите наградени од седум провинции од Медитеранскиот регион на Турција и од седум други земји, заедно ќе ја славиме културата и придонесот на уметниците во развојот на светот, напиша Љутков.

22.05.2025 - 11:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега