Мицкоски: За разлика од Грција, Преспанскиот договор е дел од македонските институции
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред Самитот Македонија 2025, во врска со свечената заклетва на претседателката Силјановска Давкова истакна дека таа беше достоинствена и дека очекувал честитка од нашиот јужен сосед, наместо политички мускули.
Не очекувам односите помеѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекуваме да имаме добри и одлични меѓусоседски односи. Ценам како ВМРО-ДПМНЕ, а и тамошната влада предводена од Нова демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, нити на едните ниту на другите ни се допаѓа тој договор, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека за разлика од Грција, Преспанскиот е дел од македонските институции, од македонскиот Устав и закони и комуникацијата во институциите и самите институции остануваат согласно Уставот, но негово основно човеково право е како својата држава ќе ја нарекува пред јавноста и медиумите.
Очекувам и да биде начин на однесување на претседателката Силјановска да се користат Македонија и македонски бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор немаме прекршување истиот и ја користам оваа прилика до нашите пријатели од Грција да престанеме со закани, опструкции, со враќање назад, да гледаме во иднината, ова се документи кои се дел од правото. Ако тие мислат дека ние сме го прекршиле договорот тогаш постои Меѓународен суд за правда па таму ќе ги вкрстиме аргументите. Не би сакал до тоа да дојде, повикувам на пријателски односи, да се помагаме. А ако некој очекува од ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото бидете сигурни дека тоа нема да го направиме, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека се очекува да биде ратификуван протоколот кој ќе се однесува на економската соработка помеѓу двете држави.
Сакаме да економска соработка и ја користам оваа прилика да ги поканам грчките компании да инвестираат во Македонија, ние сакаме да им посакаме добредојде, како и македонски компании да инвестираат во Грција, така треба да соработуваат партнери. Нема втора можност за прв впечаток, а за жал првиот впечаток од нашиот јужен сосед наместо честитка за убедлив триумф и на ВМРО-ДПМНЕ и на Силјановска видовме на отворена сцена политички мускули иако тоа се што е од Преспанскиот договор и повеќе е имплементирано во Македонија, а од тоа што можеме да видиме што се случува таму основните три работи не ги завршиле. Сакаме добрососедски односи и очекувам да во најскоро време со грчкиот премиер се видиме и разговараме за соработка во туризмот, економија, образование и така натаму, изјави Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа