Мицкоски за името на државата: Нема да ја повторувам придавката како папагал, а позади завесата да живеам како деспот
Преспанскиот договор е дел од македонските закони и македонскиот устав и тука нема никаква дилема. Секој кој е дел од институциите треба да ги почитува. Како човек кој што ќе ја предводи владата, сум обврзан да ги почитувам законите и уставот, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и нов мандатар, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето дали стравува од влошување на односите со Грција и други земји од меѓународната заедница поради ставот околу употребата на името на државата.
„Зошто би стравувал, ерга омнес ние го користиме. Очекувам да градиме добрососедски односи на принципиелна, конструктивна основа. Добрососедски односи кои доликуваат на 21 век. Немам намера талибански да се однесувам, ниту пак очекувам некој талибански да се однесува. Моето човеково загарантирано право е право кое што е над сите права. Додека ја вршам офаа функција претседател на влада, се што е поврзано со нашиот правен систем, уставниот поредок ќе го почитувам до последната точка и запирка. Луѓето што ме познаваат знаат дека така лесно не се изненадувам“, рече Мицкоски.
Нагласи дека јавноста треба повеке да се насочи кон анализа на тоа што Грција има испочитувано и спроведено од договорот.
„Ајде да видиме што тие направија во овие шест години. Ајде да видиме што правеа во минатото, што требаше ние да добиеме. Кога во минатото се менуваше знамето, кога се менуваа банкнотите, кога се користеше понижувачкото име. Подготвен сум да зборувам за се. Кај мене нема да видите да ја повторувам придавката како папагал, а позади завесата да живеам како деспот. Ако некој мисли дека може на сила нешто да ми одземе, тогаш треба да мисли и на чекорот потоа. А тоа е дека, со сила работите во 21 век не се решаваат“, потенцира Мицкоски.
Нагласи дека нема да водиме провокативна офанзивна политика туку сакаме да градиме мостови а соседите мора да се почитуваат.
„Но немаме намера да бидеме подлизурковци, да се понижуваме самите себе“, подвлече новиот мандатар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа