Мицкоски: Транзитот на гас низ Македонија е во корист на Европа - работиме на изградба на интерконектори
Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски во своето обраќање на Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Лондон се осврна на енергетиката.
„Енергетиката е денес важно прашање во светот во услови на руска агресија на Украина. Да се зборува за енергетика во политиката е една работа, а кога се зборува за реализација на енергетски проекти од технички аспект е сосема друга. Да нагласам дека реализацијата на енергетските проекти бара време, не може само да замислиш и веднаш истото да се реализира. Мора да направиш план, да ја завршиш домашната работа и потоа да следи една декада до реализација“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека е неопходна регионална соработка на овој план, бидејќи сите земји од регионот и Европа треба да најдат алтернатива на рускиот гас и неговата злоупотреба за политичко влијание.
„Мора да ги консолидираме нашите планови и да работиме заедно, затоа што без разлика дали сме членови на ЕУ или кандидати за членство, ние мора да работиме заедно, затоа што сите ние сме поврзани. Ние сме мала земја, ние не сме голем конзумер на енергија, но сме значен дел затоа што сите транзитни договори низ Украина истекуваат до крајот на годината. Единственото решение ќе останат јужниот и турскиот поток што значи руски гас и Русија ќе го искористи тоа за политичко влијание. Затоа мора да најдеме начин како да го замениме рускиот гас со други извори“, кажа премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека Македонија забрзано работи на полето на енергетиката, се работи на изградба на интерконектори и целта е државата да има важна улога во идниот транзит на азербејџански, катарски, американски или друг извор на гас кон Европа.
„Ние можеме да бидеме значаен транзитен фактор. Ние ја забрзуваме изградбата на интерконектор со Грција и наскоро ќе почнеме со изградба на интерконектор со Србија. Со тоа и централно европските земји би имале подобар пристап до азербејџански, катарски, казахстански и гас од САД. Транзитот низ мојата земја е во корист на Европа. За таа цел ние имаме нов ресор во Владата, министерство за енергетика, рударство и минерални суровини кое ќе биде одговорно за ова прашање, бидејќи сакаме да бидеме значаен играч на ова поле“, рече Мицкоски.
18.07.2024 - 16:37
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа