Мицкоски: Обвинителите ги боли стомак кога треба да постапуваат против жилавите инсталации
Инсталациите на СДСМ и на ДУИ во правосудството се жилави, а борбата со нив ќе биде жестока и ни малку лесна, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во Прилеп, прашан за коментар на одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата. Комисијата во петокот ги поништи одлуките на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, кои спротивно на законот именуваа свои членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
– Не очекувам дека ќе биде лесна борбата во обвинителството и во судството, затоа што целта на тие неколкумина обвинители и судии е да дадат сè од себе за да го уништат обвинителството и судството, за да можат да ги заштитат нивните вистински стопани. Ова добива епски размери. Честопати, во изминативе пет месеци откако сме влада, се случува некои од обвинителите да имаат стомачни проблеми, главоболки, температура, токму во моментите кога треба да се превземе резолутна акција против криминалци кои беа симбол на минатото седумгодишно владеење, коешто не треба да ни се повтори – рече премиерот Мицкоски.
Тој очекува, како што рече, долга и исцрпувачка борба.
– Тие инсталации се жилави. Малкумина се, не се многу во судството и обвинителството кои се слепи послушници на СДСМ и на ДУИ и можам да кажам дека на крајот ќе победиме, а тие ќе бидат поразени. Граѓаните ќе добијат правда каква што заслужуваат, а не неправда од страна на неколкумина октроитани послушници кои добиваат стомачни напади, вируси и температура кога треба да се дејствува против криминалците – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа