Мицкоски нема што да им каже на СДСМ за Бугарија - тие бараат собраниска седница

 

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ, на прашање за повикот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за информирање на планот за надминување на проблемот со Бугарија истакна дека кога ќе има нови детали опозицијата ќе биде информирана, оваа влада нема да ја повтори грешката на СДСМ кога беа на власт и сами го тераа процесот без да информираат и без да се консултираат со опозицијата, рече Мицкоски

„Не ја повторуваме истата грешка и нема да ја повториме. Кога ќе има нешто за кое би требало да биде информирана опозицијата, тогаш верувајте веднаш ќе ги информираме. Односно да има напредок за да може да го споделиме со опозицијата. Во моментов се е на позиционирање и поставување на играта и нема поместување.“, рече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски потенцираше дека ова што го зборува јавно би им го кажал и на нив, а разликата од тоа кога СДСМ беа на власт е суштински различна.

„Пред да се прифати т.н. Француски предлог ние имавме два месеци прес конференција во која повикавме на вклучување на опозицијата, затоа што имавме информации дека се случува тоа и тоа. Повикавме немојте, ќе направите грешка, тие рекоа дека не ги интересира, сами ќе си го тераме процесот. И видовме до каде го дотераа. Првиот момент кога ќе има поместување ќе ги информираме, лично ќе го повикам и него ќе повикам и лидерска средна со сите  други и ќе ги запознам со напредокот или можното решение.“, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека додека е премиер никогаш нема да влезе во процес клучен за државата и иднината на граѓаните во кој опозицијата и другите политички партии нема да бидат запознаени.

Од СДСМ и утрово во писмено соопштение бараат собраниска седница,

„СДСМ сè уште чека одговор од Христијан Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот за свикување собраниска седница за европската интеграција на Македонија.

Премиерот Мицкоски и Владата имаат обврска пред пратениците и пред граѓаните да го презентира планот за продолжување на европската интеграција на земјата и подобрување на позициите во преговарачката рамка со конкретни рокови, како што беше ветено пред граѓаните пред изборите.

И покрај дадените ветувањата за подобри услови во преговорите, досега од страна на Владата не се преземени никакви видливи чекори, нема никаква иницијатива ниту пак некакви рокови кога би можело да се случи тоа. Напротив, процесот е целосно блокиран од страна на Владата.“ – се вели во соопштението на СДСМ

 

 

08.10.2024 - 09:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега