Мицкоски наскоро очекува да биде разработен јасен план и анализа за проектот Чебрен

 


Премиерот Христијан Мицкоски  очекува набргу од денеска да биде разработен јасен план и анализа за проектот Чебрен, за кој разговарал и на завчерашната средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.

На новинарско прашање Мицкоски денеска соопшти дека насекаде низ светот собираат информации од кредибилни партнери за учество во овој стратешки проект од кој покрај производство на електрична енергија со планираното ново езеро ќе има уште еден резервоар за вода за граѓаните, за наводнување и за развој на туризмот.

-Идејата е да видиме колку е можно повеќе, насекаде низ светот да собираат информаци од кредибилни партнери за нивно учество во вакви стратешки проекти, во таа насока беше и средбата со господинот Гренел, плодна и успешна неколкучасовна средба. Разгледани се многу опции и можности. Секако дека ние као држава би биле партнер во тој проект бидејќи за нас Чебрен е од стратешко значење бидејќи не сите проекти се економски ислатлив и не сите проекти се за таа намена за која што првично мислиме. Да, проектот Чебрен во јавноста е познат како хидроцентрала, која треба да произведува електрична енергија, но јас не би занемарил и фактот дека лично сум убеден дека на идните генерации им е потребен уште еден резервоар вода имајќи ги предвид глобалното затоплување и предзивиците со него. Мислам дека новото езеро што ќе биде со овој проект ќе биде уште една можност за генерациите кои доаѓаат по нас да имаат уште еден резервоар вода, рече Мицкоски.

Како што дополни, околу 55 илјади хектари во Тиквешко поле ќе имаат дополнителен резервоар за наводнување и ќе има можности за развој на туризмот. - Таму  нема ограничувања од аспект на заштита на животната средина. Можеме да го развиваме туризмот и да направиме населби кои ќе значат многу за локалната економија, но и за нас како држава.  Дури потоа доаѓаме до четвриот приоритет, прозводството на електрична енергија, рече Мицкоски. 

Ќе се утврдува дали  проектот ќе се реализира со стратешки партнер или државата ќе обезбеди финансирање, но како што нагласи, ќе се пристапи внимателно, односно нема да се влегува наивно во  проектот.

-Набргу од денеска очекувам  да разработиме јасен план и набргу од денеска очекувам да почнеме и конечно да го завршиме овој проект. Дали тоа ќе биде со стратешки партнер, дали државата ќе обезбеди финансирање, па самата ќе го изгради, ќе направиме јасна анализа врз основа на информациите што сега ги собираме. Нема да влеземе наивно во овој проект и со големи ѕвона да го најавуваме - готово е завршена е работата. Не, многу сме внимателни, гледате колку внимателно пристапуваме кон сите проблеми, рече премиерот Мицкоски.

Од Владата  претходно соопштија дека на средбата на Мицкоски и Гренел се анализирале можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. Во тој контекст била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.

Во јануари годинава пропадна 14-тиот обид  за изградба на хидроцентралата Чебрен откако  грчката државна компанија ППЦ „Архидрон“ со која требаше да се спроведе преку јавно-приватно партнерство не ја продолжи банкарската гаранција што беше активна до крајот на минатата година.

 
16.08.2024 - 13:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега