Мицкоски и Курти порачаа дека инцидентот на скопскиот аеродром нема да ги наруши дипломатските односи
Инцидентот на скопскиот аеродром, поврзан со косовската претседателка Вјоса Османи нема да ги наруши дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Косово, порачаа премиерите на двете земји Христијан Мицкоски и Албин Курти, по вчерашната средба во Скопје. Косовскиот премиер Курти, изрази очекување дека официјалниот извештај по соодветната истрага во целост и во детали ќе го расветли инцидентот што се случи на 1 август во ВИП-салонот на Скопскиот аеродром со претседателката Османи за, како што нагласи „да разбереме што точно се случило и никогаш повеќе да не ни се повторат вакви ситуации“. Мицкоски, пак, изрази уверување дека додека е тој премиер „не постојат луѓе кои што ќе бидат над законот“, и ако се утврди пречекорување во своите надлежности лицето ќе биде изведено пред правдата.
Во меѓувреме, од МВР информираа дека е поднесена кривична пријава и отстранување од работното место за полицискиот службеник - началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание.
Косовскиот премиер Албин Курти, вчера од Скопје повика да се расветли случајот и додаде дека соодветните органи ќе го направат тоа.
-Премиерот Мицкоски и јас не можеме да бидеме и цариници и полиција и инспекторатот на полиција и тие што го надгледуваат аеродромот итн. Во однос на суштината на прашањето одговоривме и мерките се преземаат, прецизира Курти.
Оцени дека двете земји имаат добри билатерални односи засновани на заеднички вредности и со посебен осврт кон европските интеграции.
-Нашите две земји имаат билатерална соработка во сите области, од дипломатски аспект ги поздравуваме постојаните напори за поддршка на нашите интеграции во меѓународните организации, особено во Европскиот совет и во НАТО. Ние сакаме да имаме добри соседски и европски односи и како држави и како народи. Ќе работиме заедно со новата Влада во функција на зајакнување на натамошна билатерална соработка заснована на доверба и реципрочни интереси, посочи Курти.
Премиерот Христијан Мицкоски, рече дека секој е подложен на стандардни безбедносни процедури кога се користат комерцијални летови и изрази жалење за последното случување од 1 август, нагласувајќи дека претседателката на Косово е добредојдена и дека следниот пат „ќе ми биде задоволство да бидам и да ја пречекам како домаќин на аеродромот“.
-Според информациите коишто ги добивме од официјалните лица на аеродромот ТАВ е дека се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови и дека на ваков тип на процедури сум подложен и јас како македонски премиер, македонската претседателка како и сите официјални лица коишто го поминуваат ВИП делот, иако морам да кажам дека тој дел јас не го користам, туку го користам делот како и сите граѓани. Но, тоа за нас предизвика навистина едно чувство со кое што жалиме и не сакаме тоа да се повтори. Јас лично истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена, како и сите граѓани од Косово и лично следниот пат доколку ја добијам навремено информацијата ќе ми биде задоволство да бидам и да ја пречекам како домаќин на аеродромот и заедно со мене додека не отпатува од Скопје бидеме заеднички, ја придружувам во времето кое што таа ќе го помине на Скопскиот аеродром за да избегнеме ваков тип на инциденти, а посебно однос на поединци којшто е наш домашен проблем којшто ние дома ќе си го решаваме, рече Мицкоски во обраќањето на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти кој беше во посета на земјава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа