Маринакис: Договорот од Преспа не влезе на предизборната агенда со одлука на грчката Влада

 


Договорот од Преспа не влезе во предизборната агенда со одлука на Владата, туку поради тоа што Владата мораше да реагира за она што беше неприфатливо, историски погрешното и спротивно на билатерално договореното и изгласано од двете земји, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа што Грција е во предизборен период во пресрет на евроизборите на 9 јуни, а Договорот од Преспа е присутен во говорите и интервјуата на партиите, дописничката на МИА од Атина побара одговор од Маринакис, дали конкретната тема ќе игра улога во резултатите, на што владиниот портпарол посочи дека „одговорот е субјективен и се однесува на секој гласач посебно“, односно врз основа на кои критериуми ќе гласаат и додаде дека тие како Влада се задржаа на теми со европска димензија.

-Но, има и актуелни прашања, дали од надворешната или внатрешната политика, кои ги засегаат граѓаните. Прашањето кое го споменавте не влезе во предизборната агенда од Владата. Владата, како што имаше обврска, реагираше на неприфатливото, историски погрешното и спротивното на билатерално договореното и изгласано од двете земји, како што е наведено во Договорот од Преспа, рече Маринакис.

Се осврна и на барањето на СИРИЗА да се изгласаат меморандумите и истакна дека „ако нешто треба да ги загрижува гласачите тоа е ставот на главната опозициска партија“, за која рече дека наместо да се обедини со националниот став „земјата да не губи преговарачки оружја против соседите“, неоправдано брза и бара да сè да се изгласа.

-Во моментот, кога нашите соседи не го почитуваат ни основното, дојде СИРИЗА и побара од Владата да даде сè, да гласа сè и да ги ратификува сите меморандуми што го придружуваат Договорот од Преспа, од кои едниот се однесува и на интегративниот процес на Северна Македонија кон Европската Унија. Ова е нешто што е добро да се нагласи во пресрет на евроизборите, додаде Маринакис.

27.05.2024 - 15:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега