Макрон го потпиша Законот за пензиски реформи - синдикатите најавија протести

 

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска го потпиша Законот за пензиската реформа откако вчера истиот беше одобрен од Уставниот совет.

Францускиот министер за труд Оливие Дусопт изјави дека очекува реформите да стапат во сила на почетокот на септември.

Реформата, што предизвика масовни протести, предвидува зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години до 2030 година и најмалку 43 години работен стаж за целосна пензија.

Членовите на Уставниот совет вчера цензурираа низа помалку важни аспекти од реформата, но не ја отфрлија главната мерка – зголемување на старосната граница за пензионирање. По нивната одлука уследија протести во Париз, при што се приведени 112 луѓе.

Протестите во Франција почнаа откако Влада во јануари ги претстави реформите. Еден месец подоцна почна расправата во Парламентот. Во март, Владата искористувајќи специјални уставни овластувања го протурка Законот без да се гласа во Парламентот.

Макрон тврди дека се неопходни реформи за да се спречи колапсот на пензискиот систем.

Синдикатите најавија продолжување на протестите и ги повикаа работниците да се вратат на улиците на 1 мај.

И главните француски опозициски партии денеска најавија дека се решени да ја продолжат борбата против непопуларната пензиска реформа одобрена од Уставниот совет.

Борбата продолжува, реагираше лидерот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон, додека лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен оцени дека „политичката судбина на пензиската реформа не е запечатена“ по одлуката на Уставен совет.

Лидерот на Комунистичката партија Фабијен Русел изјави дека стравува од социјални немири.

15.04.2023 - 12:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега