Макрон: Европа не треба да биде вазал на САД
Францускиот претседател Емануел Макрон се најде на удар на критики од двете страни на Атлантикот откако рече дека Европа не треба да стане вазал и дека мора да избегне да биде вовлечена во каков било конфликт меѓу САД и Кина околу Тајван, пишува „Гардијан“.
Макрон ова го изјави во интервју по тридневната официјална посета на Кина. Макрон за „Ехо“ и „Политико“ изјави дека Европа треба да биде трета сила во светскиот поредок, по САД и Кина. Тој, исто така, оцени дека мешањето во кризата поврзана со Тајван ќе биде стапица за Европа, која ќе биде вовлечена во кризи кои не се нејзини, што ќе ја спречи да изгради стратешка автономија.
„Целта на разговорите во Кина беше да се консолидираат заедничките пристапи во однос на војната во Украина“, рече Макрон.
Политико објави дека Елисејската палата ги проверила цитатите на Макрон пред објавувањето како услов за доделување на интервјуто и инсистирал да се отстранат деловите каде Макрон зборувал „уште поискрено“ за Тајван и за стратешката автономија на Европа.
Американскиот републикански сенатор Марко Рубио изјави за Политико дека ако Макрон зборува за цела Европа, тогаш САД треба да размислат да ја фокусираат својата надворешна политика на задржување на Кина и да ја остават Европа да се бори во војната во Украина.
„Волстрит журнал“ во уводникот наведува дека бесполезните коментари на францускиот претседател би можеле да го поткопаат американското и јапонското одвраќање против Кина во Западниот Пацифик, истовремено охрабрувајќи ги американските политичари кои сакаат да ги намалат американските обврски во Европа.
Еден член на Европскиот парламент (ЕП) нагласи дека францускиот лидер не зборувал во име на ЕУ, туку во име на Франција. Пратеникот рече дека руската инвазија на Украина ја доведе во прашање способноста на Европа да стане трета сила во глобалниот поредок, како што предлага Макрон.
Германскиот пратеник од десниот центар, кој е член и поранешен претседател на комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Норберт Ретген, рече дека Макрон со својата идеја за европскиот суверенитет, кој го дефинира во демаркација, а не во партнерство со САД , се повеќе се изолира во Европа.
Пратеникот во Европскиот парламент Рајнхард Бутикфер ја опиша посетата на Макрон на Кина како „целосна катастрофа“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа