Македонија меѓу најнапредните здравствени системи: Вградени првите пенилни протези

 

Клиниката за урологија во Скопје за првпат во државното здравство, изврши  три успешни операции на вградување пенилни протези, со што Македонија се вклучи во редот на најнапредните здравствени системи.

Овој иновативен третман е наменет за пациенти кај кои конвенционалните медикаментозни терапии не даваат резултати, особено за лица со долгогодишен дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, претходни обемни хируршки интервенции, жртви на сообраќајни несреќи и други здравствени состојби, поради кои, пенилната имплантација е крајно решение.

- „Вградивме пенилни протези на двајца пациенти на возраст од 45 и 59 години, кои претходно се оперирани од карцином на простата, додека третиот страда од Пејрониевата болест — нарушување на сврзното ткиво на самиот полов орган, при што доаѓа до закривување на пенисот. Пациентите добро се опоравуваат, а проценките се дека по оперативниот зафат е потребен болнички престој од три денови. Со оваа процедура не само што овозможуваме значително подобрување на сексуалната функција кај пациентите, туку влијаеме позитивно и врз нивната психолошка стабилност и севкупен квалитет на живот. Протезната хирургија е врвот во реконструктивната урологија и се фокусира на обновување, не само на анатомијата, туку и на функцијата на урогениталниот систем кај пациенти со сериозни оштетувања.“, вели д-р Огнен Ивановски од Универзитетската клиника за урологија, кој ги изведе операциите заедно со реномираниот уролог д-р Марчел Рaд од Медицинскиот факултет во Романија, член на Европскиот одбор за урологија.

 

 

29.05.2025 - 10:14

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега