Љутков: Илинденските денови во Битола се огледало на мултикултурната разновидност

 

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на платото пред Офицерскиот дом во Битола, се обрати на свеченото отворање на 54. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
„Деновиве цела Битола е една огромна сцена, празнична, колоритна и дотерана, во која еднакво бликаат надежта од ʼкомитскотоʻ и драматиката на ʼтешкотоʻ оро, во слава на македонскиот идентитет, историја и култура, а седумосминскиот такт татни во слава на различностите од целиот свет, кои нè обединуваат, поврзуваат и зближуваат“, истакна министерот Љутков.
Тој дополни дека посетата на уметниците од повеќе земји од светот, само потврдува дека во пресрет на Илинден, Битола е главниот град на културната разновидност, од која до светот се испраќаат искрените пораки за  заедништво и културен натпревар меѓу народите.
Истакнувајќи дека „Илинденските денови во Битола со години се мост на автентично поврзување на вековната традиција со денешницата, огледало на мултикултурна разновидност“, министерот Љутков потенцираше дека „се и своевиден поттик и инспирација за младите кон традиционалните културни вредности“.
Од име на Министерството за култура и туризам и лично, министерот Љутков изрази уверување дека во годините пред нас значително ќе се зголеми финансиската поддршка за фолклорните ансамбли во градовите низ државава и ќе се обезбедат средства за нивно успешно функционирање и промоција.
Придружната програма на 54. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ започна на 19 јули, а на официјалното отворање се одржа традиционалното фолклорно дефиле низ Широк сокак. На вечерта посветена на традиционалната музика и игра, КУД „Илинден“ од Битола го изведе орото „Комитско“. Се одржа и Саем на книги инспирирани од македонската традиција и култура и промоција на македонски автори, а, меѓу другото, свечено беше отворена и 5. конференција: „Етномузикологијата и етнокореологијата и практикувањето на фолклорот на Балканот“.

27.07.2024 - 11:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега