Лидерите на земјите од Западен Балкан му честитаа на Трамп

 

Лидерите на земјите од Западен Балкан му честитаа на Доналд Трамп откако денеска положи заклетва и стана 47-ми претседател на САД, јави Анадолија.

– Во име на граѓаните на Босна и Херцеговина и во мое лично име, упатувам најтопли честитки за вашето повторно преземање на функцијата претседател на Соединетите Американски Држави. Ви посакувам добро здравје и успех во извршувањето на вашата висока функција, во интерес на пријателскиот народ на Соединетите Американски Држави, мир и добро во светот, се вели во пораката на Денис Беќировиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Беќировиќ подвлече дека САД одиграа клучна улога во градењето и зачувувањето на мирот во Босна и Херцеговина, континуирано дејствувајќи како силен гарант за мирот и стабилноста во БиХ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му честиташе на Трамп и наведе дека со нетрпение очекува да работиме со него и неговата администрација за понатамошно зајакнување на стратешкото партнерство со Соединетите држави.

– Ќе ја надоградуваме нашата силна соработка на военото и енергетското поле и ќе продолжиме да ги подобруваме економските можности и размената во туризмот, напиша Пленковиќ објавувајќи фотографија од заклетвата на Трамп за 47-ми американски претседател.

Честитки за денешната инаугурација пристигна и од премиерот на Словенија, Роберт Голоб.

– Му честитам на Доналд Трамп за денешната инаугурација. Словенија и САД имаат долгогодишно пријателство и богати билатерални односи. Очекуваме дополнително подобрување на односите меѓу нашите две сојузнички земји и зајакнување на трансатлантското партнерство. Само заедно ЕУ и САД можат имаат големо влијание во справувањето со глобалните предизвици на денешната меѓународна заедница, изјави Голоб.

Вториот мандат на Трамп му го честиташе и косовската претседателка Вјоса Османи.

– Честитки до претседателот Доналд Трамп што положи заклетва како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави. Косово е подготвено да работи со вас, потпретседателот Венс, и вашата администрација за зајакнување на нашиот посебен однос, промовирање на заедничките вредности на слободата и соочување со предизвиците на нашето време. Во име на народот на Косово, ви посакувам многу успех. Божји благослов, рече Османи.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ му честиташе на Трамп за неговиот реизбор за претседател, велејќи дека „најдобрите денови за американската економија допрва доаѓаат“.

– Затоа, Црна Гора, како и целата светска економија, имаат причина за голем оптимизам. Ќе го унапредиме повеќе од вековното пријателство на нашите земји и повеќегодишната алијанса во рамките на НАТО, водени од заедничката визија за силен економски раст, пониски даноци и економија ориентирана кон нашите граѓани, напиша Спајиќ на Х.

По повод инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека три работи ќе го карактеризираат неговото владеење: борба против „длабоката држава“ во САД за да заштеди што е можно повеќе пари за неговите проекти, намалување трговскиот дефицит со Канада, Европската унија и Кина и напорите да се запре војната меѓу Русија и Украина. 

20.01.2025 - 21:25

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега