Левица: ДПМНЕ изгласа дополнителни 10 вработувања во Општината поради 2 пензионирања

 
На вчерашната седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, ДПМНЕ изгласа Дополнување на Планот за вработување во Општината за 2024 година, со 10 нови вработувања, и тоа: 2 за поддршка на градоначалникот; 4 за нормативно-правни работи, работа со советот и јавни набавки; 1 за финансиски прашања; 2 за урбанизам, инвестиции и комунални дејности; 1 за економски одржлив развој, велат од Левица.
„Небулозата оди дотаму што заминувањето на двајца административци е причина за десет нови вработувања. 
 
Бројот на вработени во Општината ќе се приближи до 100, а Општината ќе остане нефункционална. 
Имено, во изминатиот период до нас стигаат поплаки од граѓани за неажурност и недостапност на општинската администрација. 
За нефункционалноста на општинската администрација сведочат и советниците од Левица коишто поради неажурноста и ноншалантноста на партиската војска во Општината, во континуитет се спречени да ги остваруваат своите законски, статутарни и деловнички права како советници.
 
Нефункционалната Општина е плод на партиски конкурси и нестручни кадри коишто вршат партиски задачи.
Партизацијата на институциите останува и понатаму рак рана на нашето општество и е главна причина за иселувањето на младите кадри кои се жртва на долгогодишниот партиски критериум при вработувањето.
​Моментот кога Левица ќе добие поголема моќ на локално ниво, како единствена партија која се залага за професионална и непартиска администрација со транспарентен процес при вработување - ваквото партиско и крајно недомаќинско натрупување на администрацијата ќе биде целосно ревидирано“, стои во соопштението од Левица.
18.07.2024 - 16:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега