Левица: Црква изградена во 1874 година настрада од минирањата на ,,Бехтел и Енка"
Во селото Ореовец (прилепско), се наоѓа Црквата ,,Св. Димитрија", која е гробиштен храм изграден во 1874 година. Црквата претрпе огромни штети, по вршењето на минирањето од страна на американско-турскиот конзорциум ,,Бехтел и Енка”, соопшти Левица.
„Штетата е настаната по минирањето во непосредна близина од страна на преплатениот од народни пари конзорциум, што предизвикало земјотреси чија последица се одразила и на овој објект. Во Црквата има фрески постари од 150 години - дел од нив изработени на дрво и кожа, кои освен што се од огромно значење за месното население, туку тие претставуваат и богато културно наследство за овој крај.
Од потресите, оштетени и испукани се ѕидовите на Црквата и ако се продолжи со минирање, голема е веројатноста да настанат штети од поголеми размери, што не ја исклучува можноста да се случи и нејзино целосно рушење.
Покрај штетата на Црквата, од минирањето: загрозени се извори на вода од кои и денес се снабдува Прилеп со вода; оштетени се куќи во селото Ореовец; се крева прашина која поради струењето на воздухот и релјефот на теренот целосно паѓа во Прилеп и прилепските села и се уништуваат ендемични видови на животни.
Прилепчани десетина дена прават протесна блокада на патот кон село Ореовец и не дозволуваат машини и работници да продолжат со минирање и ископување. Пратеникот од редовите на Левица - Сашко Јанчев, присуствуваше на протестите и даде поддршка на блокадата.
Левица претходно го блокираше спроведувањето на договорот со ,,Бехтел и Енка" со илјадници амандмани. Сега најавуваме дека нашите активисти се спремни веќе и физички на терен да ја поддржат борбата на граѓаните“, стои во соопштението на Левица.
23.05.2024 - 14:50
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа