Левица: Аманет да си го браниме јазикот од сите напади, денес ги има повеќе од било кога

 

Значајни за Македонија, но и за останатите словенски народи, Кирил и Методиј, основоположниците на словенската писменост имале единствена мисија: да создадат писмо за својот јазик, да шират просвета, „за слепи да прогледаат и глуви да чујат“.

Беа на страната на послабите и обесправените, во одбрана на оние кои немаа писмо и книги на свој јазик, создавајќи им слово, преведувајќи книги од грчки на словенски.

Се бореа со мудра мисла и со моќта на ЗБОРОТ. Правично, правдоборно и со факти, истакнуваат од Левица по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители.

„Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на Солун, Кирил ја создава првата словенска азбука – глаголицата.

Нивната мисија нема само просветителска кауза, туку и политичко-културолошка, општествено-дипломатска, а меѓу другото, и во смисла на декомпонирање на јазично-теолошкиот систем на тогашното германско свештенство.

Солунските браќа се бореа и против тријазичноста:

„Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“

Кирил Филозоф своевремено ги бранеше јазикот и писмото пред многу векови. Денешните наши тенденции се да ги поттикнуваме граѓаните на критичко мислење, а особено младите. Кирил Филозоф нека биде пример пред сите нив и пред сите нас за одбрана, конструктивност и правдоборност!

Кирил и Методиј создадоа азбука, преведуваа, просветуваа. Проблемот го решија трајно, но оставија аманет.

Аманет за да си ги браниме јазикот, азбуката и просветата од сите внатрешни и надворешни напади.

Денес напади има повеќе од било кога! Но денес имаме и аргументи за одбрана повеќе од било кога.

Да се продолжи достојно влогот на Кирил и Методиј“, порачуваат од Левица.

24.05.2024 - 13:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега