Лекови недостасуваат за 40-60 пациенти на онкологија, Стојковски ветува брзо решение
За околу 40 до 60 пациенти во моментов недостигаат лекови на Онкологија.
Директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски рече дека повеќето од пациентите што се третираат ја примаат потребаната терапија.
„Повеќето ја примаат терапијата и се третирани со хемотерапија, радиотерапија, билолошка терапија. Недостасуваат лекови за негде 40 до 60 пациенти во моментот. Верувам дека ќе ја обезбедиме во најбрз временски период“, изјави Стојковски.
Тој уверува дека се прават напори до утре, да стигнат дел од лековите потребни на Онкологија, а за другите заедно со директорот на Фондот за здравство, се работи на обезбедување на донација и брза постапка.
Прашан од новинарите зошто настана дефектурата, Стојковски рече дека тоа е поради зголемениот број на пациенти и поради кратка дефектура на еден лек за кој имало недостаток. Тогаш пациентите се префрлиле на друг лек, што во моментот е на дефектура.
Во врска со изјавата дека имало пациенти кои примале, а не трабало да примаат биолошка терапија, Стојковски негираше дека е такво нешто можно.
„Сите 12 членови на стручниот колегиум се во комисијата за пациенти кои се вклучуваат кон биолошка терапија. Сите пациенти што треба да ја примаат, се вклучени. Не одлучува еден доктор индивидуално“, рече директорот.
Уверува дека ќе ги направат сите напори за во иднина да нема недостаток на некои лекови.
Надлежните вчера истакнаа дека до крајот на неделата биолошката терапија што ја примаат околу 300 пациенти болни од карцином ќе биде доставена на Клиниката за онкологија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа