Легендарниот Пеле ќе биде погребан денеска

 

Легендите никогаш не умираат. Пеле не отиде во вечноста. Тој е вечноста. Овие три реченици со денови се во главите на сите Бразилци кои го испратија легендарниот Едсон Арантес на Насименто, кој почина на 30 декември во болницата „Алберт Ајнштајн“, на 82-годишна возраст по долга и тешка болест.

Океан од луѓе вчера се излеа во стадионот Сантос во Сао Паоло каде започна комеморацијата на познатиот бразилски фудбалер и најдобриот и најценетиот спортист на оваа земја, кој по фудбалската кариера многу гордо се занимаваше со хуманитарна работа.

– Сакам да го гледам мојот Сантос, беше последната желба на Пеле пред да почине.

На најблиските им рекол и дека сака да биде погребан на необичните гробишта Меморијална вселенска некропола, зграда од 14 ката, каде засекогаш почиваат околу 14.000 луѓе. На овие гробишта почива и таткото на Пеле, Дондињо, а Пеле за време на својот живот изјавил дека сака да биде погребан точно на деветти кат во знак на почит кон „деветката“ што ја носел таткото Жоао Рамос до Насименто, популарниот Дондињо за време на неговата кариера која траеше од 1940 до 1952 година.

Поворката, бдеењето и оддавањето последна почит започна вчера во раните утрински часови во Сао Паоло, а десетици илјади луѓе многу трпеливо го чекаа редот да влезат на стадионот Сантос, во чиј центар беше отворениот ковчег со телото на Пеле. Многу навивачи чекаа и до 14 часа за да бидат меѓу оние кои ќе се најдат пред својата фудбалска икона.

По целодневна и целоноќна поворка и бдение, денеска е предвидено Пеле да биде погребан на споменатите необични гробишта во Сао Паоло, кои се изградени во 1984 година и се наоѓаат во Гинисовата книга на рекорди како највисоки гробишта во светот, со површина од 40.000 квадратни метри.

Денес, Пеле тргнува на своето последно патување. Додека чекореше по земјата, ги воодушеви Бразилците и целиот свет со 1.281 гол на 1.363 натпревари. Сега, во царството небесно, тој им се придружува на оние кои се обиделе да бидат како него.

03.01.2023 - 10:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега