Кривични пријави за помошник министер и раководител на сектор во МВР
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против Ж.Т. во својство на помошник министер во Министерството за внатрешни работи и против А.С. во својство на раководител на Сектор за набавки, менаџмент и логистика во Министерството за внатрешни работи поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 ст.4 вв ст.1, од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Како што соопштија денеска од Финансика полиција, првопријавениот Ж. Т. во својство на одговорно лице, помошник министер во Министерството за внатрешни работи на РСМ, неизвршувајќи ги своите службени овластувања свесно и со однапред утврдена намера, не донел одлука за јавна набавка од отворена постапка за набавка на Услуги за сервисирање на возилата во сопственост на МВР во 2018 година иако бил донесен План за дополнување на Годишен план за да се спроведе истата во декември 2018 година. Тој, стои во соопштението, не презел дејствија за навремено отпочнување и објавување на редовна постапка и ја загрозил безбедноста на вработените во Министерството за внатрешни работи со што ги довел возилата во состојба на дефектажа и неможност истите да се сервисираат на начин што не донел одлука во најбрз можен рок по носење на новиот Годишен план за јавни набавки за 2019 година и со тоа свесно ги довел сите во состојба на итност за со намера да се спроведе итна постапка донесувајќи Одлука за спроведување на итна постапка со преговарање без објавување на оглас за поправка и сервисирање на ПМВ и ТМВ во која постапка биле испратени покани само на одредени економски оператори.
- Второпријавената А. С. во својство на началник на Секторот за набавки, менаџмент и логистика при Министерството за внатрешни работи на РСМ чија должност била да ги спроведува одлуките донесени од помошник министерот, истата иако била должна да задолжи лице кое ќе објави оглас за јавна набавка од отворена постапка, не го сторила тоа и на тој начин не овозможила на други заинтересирани економски оператори да учествуваат во истата постапка, врз основа на што првопријавениот Ж. Т. склучил рамковна спогодба по итна постапка со преговарање без објавување на оглас на кој начин првопријавениот заедно со второпријавената овозможиле противправна имотна корист за носителите на набавката Коп Компани ДООЕЛ Скопје, Пржо Автокомплекс ДООЕЛ Битола, Аутомакедонија АД Скопје, ДТУ Авто сервис Раде ДООЕЛ увоз-извоз с. Теарце Тетово и МИ - ДА Гранд Моторс ДОО Скопје, по 9.440.000,00 денари поединечно за секој правен субјект односно вкупен износ од 47.200.000,00 денари со ДДВ, се наведува во соопштението од Управата за финансиска полиција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа