Кремљ издаде предупредување за договорот за жито

 

 

Русија не гледа како може да се продолжи договорот за извоз на украинско жито ако не се исполнат сите негови одредби, изјави во понеделникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Сметаме дека Црноморската иницијатива не може да се продолжи без исполнување на барањата“, истакна Песков во изјава за РИА Новости.

Со договорот од јули 2022 година, постигнат со посредство на ОН и на Турција, беа воспоставени коридори во Црното Море за безбеден извоз на жито од Украина.

Но договорот, исто така, ги обврзува САД и нивните сојузници да го деблокираат извозот на руско жито и вештачко ѓубриво, кој беше запрен поради санкциите на Западот врз рускиот бродски сообраќај. Тие досега не си ги исполнија обврските.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во понеделникот му врачи писмо на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во врска со договорот за жито, кое содржи детален извештај за веќе постигнатиот напредок и заложбите на светската организација да продолжи да работи на преостанатите прашања.

Гутереш потврди дека Црноморската иницијатива е „пакет договор“, но и дека само првиот дел од неа е успешно имплементиран.

Лавров го потврди постоењето на писмото по едноасовната средба со Гутереш.

„Искрено, напредокот досега не е многу забележлив. Не гледаме желба кај западните земји навистина да го направат она што е неопходно за успех на договорот за жито,“ истакна Лавров.

САД и ЕУ тврдат дека извозот на земјоделски производи и ѓубрива од Русија се исклучок од нивните санкции. Но стоката нема како да стигне каде што е најпотребна бидејќи Западот ја санкционираше целата руска бродска индустрија и ѝ оневозможи пристап до брокерски и осигурителни услуги.

Иако Црноморската иницијатива првично беше претставена како начин да им се помогне на неразвиените земји зависни од увоз на храна – главно во Африка, но и делови од Азија – најголемиот дел од извозот на Украина, всушност, заврши во ЕУ.

Според истражувањето на еден австриски центар објавено во февруари, голем дел од украинската пченка завршила како храна за свињи во Шпанија, од кои се произведува светски познатата и скапа сушена шунка „хамон“, додека само 15% од вкупниот извоз на жито стигнал до Африка.

Во март, Москва се согласи да го продолжи договорот за 60 дена, но предупреди дека тој нема да биде дополнително продолжен ако не се исполнат сите негови одредби. Сегашниот аранжман истекува на 18 мај.

25.04.2023 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега