Ковачевски - Вадефул: Реафирмирана поддршката од Германија за евроинтеграциите на Северна Македонија

Германија ја реафирмира поддршката за европерспективите и се очекува следниот клучен потег од Северна Македонија, било нагласено на средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и заменик-претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот одговорен за прашања од доменот на надворешните работи и одбраната, Јохан Вадефул.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот на кој присуствувал и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, се разговарало за актуелните прашања од значење за нашата држава и за стабилноста и безбедноста на регионот и на Европа.

-Од двете страни се нагласи значењето на претстојниот чекор на Република Северна Македонија, што треба да ги осигура европските перспективи на државата. Оценката е дека пред нашата земја е навистина неповторлива шанса, во динамичен процес, во следните неколку години, да стане членка на Европската унија. Ова, како што е констатирано, е резултат на политиките на Северна Македонија и одговорното однесување, посебно во новиот геополитички контекст и предизвици за регионот, Европа и светот, се наведува во соопштението.

Во разговорот било акцентирано дека проширувањето на Европската унија никогаш порано не било толку високо на агендата на ЕУ.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за навремената, континуираната и гласната поддршка од Германија за европерспективите на Северна Македонија.

01.11.2023 - 19:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега