Ковачевски: Се соочуваме криза, решение ќе имаме за помалку од две недели

 

Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на работната посета во Софија, Бугарија оствари средба со премиерот на Бугарија, Галаб Донев. По средбата на тема справување со предизвиците на светската енергетска криза одржаа заедничка прес-конференција.

„Ако пред две години се соочувавме со пикот на пандемијата која го затвори светот и со недостиг на вакцини, годинава се соочуваме со нова криза, а тоа е недостиг на електрична енергија, скапи енергенси, а сето тоа значи раст на цената на електричната енергија и големи проблеми како за граѓаните така и за стопанството. Како одговорни политичари и влади ние имаме обврска пред граѓаните и пред стопанството да обезбедиме се што е во наша моќ и можности да ги направиме условите најдобри можни во време на ваква криза“. Вака ја започна денешната прес-конференција претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Тој истакна дека денеска биле во соседна Бугарија за да најдат решение за снабдување со електричната енергија, како што кажа, за четвртиот квартал од оваа година,  и првиот квартал од идната година под услови кои што ќе бидат оптимални за стопанството.

„Прво, се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш во среда работна група составена од Министерот за економија на нашата држава, Министерот за енергетика на Република Бугарија, како и ЕСМ и другите компании во рамки на Република Бугарија каде што ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија. Во однос на цените кои ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Република Бугарија согласно директивите на Европската Унија и нормално согласно легислативата на Република Северна Македонија.

Исто така, разговаравме и за количините кои се потребни кај нас со оглед на тоа дека Република Бугарија е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитети кои ги има особено електричната енергија произведена од нуклеарна централа. Исто така, разговаравме и за поврзувањето со нов интерконектор за гас кој би бил направен во делот на поврзување со течен гас и исто така во однос на капацитетите на постојниот интерконектор кој го имаме со Република Бугарија како и за можностите и нормално што ќе биде исто така дел од работата на работната група за складирање на течен гас во складиштата кои постојат во Република Бугарија.

Имавме состанок којшто беше одржан во духот на добра волја, како што кажа премиерот Донев, тој траеше подолго од предвиденото затоа што разговаравме за детали, со фокус на реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и стопанството“, изјави премиерот Ковачевски.

„Во таков дух, со таа добра волја се надевам дека работната група која ќе почне да работи веднаш после празникот во Бугарија, а пред нашиот државен празник, во среда, дека во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое ќе може да биде на двостран интерес и на Република Бугарија и на Република Северна Македонија и на стопанството и на едната држава и на другата држава“, додаде Ковачевски.

05.09.2022 - 16:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега