Костовски: Од центарот на Скопје ветуваме, од Париз ќе се вратиме со злато
Тренерот на Дејан Георгиевски, Дарко Костовски од плоштадот во Скопје вети дека македонското таеквондо од следните Олимписки игри во Париз 2024 ќе донесе златен медал.
„Ветивме злато од Токио, но ете за малку ни избега. Сепак, сега од тука, од центарот на Скопје може слободно пред сите вас да ветам дека од Париз за три години ќе се вратиме со златен медал“ – истакна пред бројните спортски вљубеници Костовски, притоа дополнувајќи:
„Верувајте, ова не се само празни зборови. Ова се реални ветувања затоа што македонското таеквондо има навистина многу бисери кои во иднина ќе ни носат медали. Ете тука до Дејан, е една девојка Ана Марија Георгиевска која е негова сестра и која го има најголемиот резултат во историјата на еден олимписки спорт, бронза од светско јуниорско првенство. Тука е и Коки Георгиевски, братот на Дејан, наш балкански шампион. До нас се и феноменалните Марко Стевиќ, балкански шампион, Филип Додевски и Филип Стаменов и уште многу други на кои им е неопходна само поддршка и сите се на патот за Париз 2024 да се изборат за А норма а потоа и уште многу медали за македонското таеквондо“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа