Костова: Цените вртоглаво растат додека Мицкоски седи со скрстени раце
![](https://press24.mk/sites/default/files/styles/large/public/2025/02/14/kostova2sdsm.png?itok=CgrY5vRU)
Потпретседателката на СДСМ Кристина Костова во емисијата „Клан дебата“ на Клан телевизија истакна дека бајковит приказ на состојбите постои само во соопштенијата на владеачката партија.
-Во реалноста граѓаните се затекнати од ценовно цунами, коешто ја потопува куповната моќ и шансите за минимум пристоен живот на граѓаните. Цените вртоглаво растат, животниот стандард на граѓаните драстично паѓа, платите не се покачуваат, гледаме дека тоа е така со месеци и нема ниту најава, Мицкоски се иззема од процесот на преговори помеѓу работодавачите и синдиактите иако е негова можеби основна обврска како премиер тој да биде главен медијатор и да покаже политичка волја за покачување на платите, рече Костова, додавајќи дека Мицкоски седи со скрстени раце, се иззема од секоја лична и работна одговорност и им вели на граѓаните да ги следат цените на интернет, а притоа не помага никако да се намалат цените, тој е директен соучесник во покачувањето на цените.
Сега гледаме дека најавуваат примена на само една од мерките, која тие ја напаѓаа додека без во опозиција, а тоа е мерката поврзана со маржата. Она што го гледаме е дека се обидуваат на секој начин да избегаат од одговорноста, во изминатите десетина дена зборуваат и за методологијата според која се составува синдикалната кошничка. Мицкоски вели дека синдикалната кошничка требало да се прави по нова методологија и зборува дека присуството на сезонско овошје и инстант кафе било луксуз, ако зборува за минимална кошничка тогаш може и со леб и сол да преживееме? Небулози, истакна Костова.
Костова нагласи дека од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени на секакви ненаучни небулози, подготвени се и личниот и професионалниот интегритет да си го погазат, само не се подготвени на граѓаните да им помогнат, затоа што никогаш немале политика волја да ги покачуваат платите и животниот стандард.
И за жал гледаме дека си ја задржале таа дпмневска матрица, тоа се истите тие коишто ја држеа минималната плата на 8-9.000 денари толку долго време, додека истуараа милијарди на стиропор и на лажен мермер. Во самиот избор на советници на Мицкоски гледаме дека продолжува дпмневската матрица, затоа како змија нозе толку време ги криеја советниците, тоа се истите кои што ќе го советуваат Мицкоски како кога немаме леб, да трошиме за чоколадо, нагласи потпретседателката на СДСМ Кристина Костова во емисијата „Клан дебата“ на Клан телевизија.
14.02.2025 - 11:43
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа