Косовската опозиција го обвини Курти за намерно одлагање на пописот и прикривање на реалните бројки
Претседателот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, по денешната одлука на Владата за одложување на пописот на населението во Косово, го обвини премиерот Албин Курти за политичко мешање и прикривање на реалните бројки во државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на својата страница на Фејсбук, Красниќи ја опиша денешната владина одлука како намерно кршење на законот.
Лидерот на најголемата опозициска парламентарна партија во Косово потсетува дека пописот на населението се одложува по трет пат и тоа го смета за уште еден показател за неспособноста и неодговорноста на актуелната власт.
– Уште од порано предупредив дека пописот на населението нема да се одржи годинава – а тоа намерно го прави самиот премиер Курти. Одложувањето на пописот, по трет пат, сега веќе за април идната година, докажува дека неспособноста, прекршувањето на законите, политичкото мешање и прикривањето на реалните бројки – ја карактеризираат оваа Влада и овој процес од самиот почеток, напиша Красниќи.
Во оваа прилика, опозицискиот лидер преобјави свој коментар од август годинава, каде што предупредува дека и покрај лажните оправдувања за наводно незавршување на подготовките, „има некои целосно политички причини поради кои е одложен пописот“.
– Прво: Владата ја изгуби вистинската контрола во северниот дел на земјата, затоа не може да ги попише граѓаните таму. Второ: Масовно иселување на косовските граѓани, каде само за овие две години од оваа власт, државата ја напуштија околу 150 илјади граѓани. Трето, хаосот во кој се втурна Агенцијата за статистики поради политичките и партиските интервенции во неа од страна на Владата, напиша Красниќи во август годинава.
Пописот на населението, домаќинствата и становите првично требаше да се одржи на 1 септември годинава, но потоа беше одложен за 1 ноември, додека денеска Владата на Курти одлучи уште еднаш да го одложи и да се изведе од 5 април до 17 мај наредната година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа