Коцевски ја компромитираше акцијата на МВР за апсење на 7 полицајци?
По еден од осомничените полицајци за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најголемата трагедија во поновата историја на Македонија, полицијата се уште трага.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски за време на гостувањето на ТВ Телма вчера соопшти дека во тек била полициска акција за приведување на нови седум полицајци, а иако помина еден месец од големата катастрофа која ја зави цела Македонија во црно, МВР сеуште трага по полицаец од Штип.
Коцевски информацијата за полициската акција ја објави додека акцијата се уште траела, а од МВР за МКД.МК велат дека овој потег е компромитирачки за акцијата.
Денеска се навршува еден месец од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени. Досегашната истрага покажа дека постоеле системски грешки и пропусти во изминатите години поради што досега со истрагата опфатени се вкупно над 60 физички и три правни лица меѓу кои сопственикот на дискотеката, сегашни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија, поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, полициски службеници.... Истрагата се уште трае, а во неа се вклучени 13 обвинители.
Коцевски во интервју за телевизија „Телма“ рече дека објектот „Пулс“ не и бил познат само на полицијата, туку и на целиот град и дека 13 години не е извршен никаков инспекциски надзор.
- Објектот „Пулс“ не и бил познат само на полицијата, бил познат на целиот град. И бил познат и на локалната самоуправа, на сите надлежни институции кои што требало да функционираат што значи дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот, рече Коцевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа