Кипарските аеродроми, банка, сајтови - Кипар мета на хакерите
Официјалните веб страници на компанијата оператор на двата кипарски аеродроми, на Банката на Кипар, на Управата за електрична енергија, но и владини сајтови биле на мета на успешни и неуспешни хакерски напади од петокот до вчера, објавија кипарските медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Кипарското издание на весникот „Катимерини“ пишува дека во изминатите денови земјата се соочува со масовни кибер напади, насочени кон чувствителни владини веб-страници и онлајн инфраструктура, а досега биле регистрирани најмалку шест случаи.
Од надлежното кипарско Министерство за истражување, иновации и дигитална политика вчера информираа дека постоел неуспешен обид да се влијае врз достапноста на владините сајтови, обид што „беше успешно спречен, по брзи и координирани акции на инволвираните органи“.
- Само централниот портал gov.cy беше погоден неколку минути, но не и поединечните веб-страници на порталот и ниту една друга владина веб-страница или онлајн услуга. Сите онлајн услуги и веб-страници на министерствата, подминистерства и служби беа достапни. Целта на кибер нападот беше единствено и само обид да станат недостапни одредени веб-страници. Овој тип на напад се нарекува DDOS (дистрибуиран напад на одбивање на услуга), соопштија од Министерството.
Според кипарските медиуми првиот напад бил во петокот врз сајтот на компанијата „Хермес“ оператор на двата аеродроми, напад што според „Катимерини“ не создал никаков проблем, а директорката за комуникација на Мариа Курупи, рекла дека веб-страница не е поврзана со останатите системи на аеродромот и функционира како средство за информирање „и затоа на ниту еден начин нападите не влијаеа на која било услуга на аеродромот“.
По сајтот на аеродромите, следеле кибер напади врз веб страниците на Банката на Кипар, на Управата за електрична енергија, на Управата за телекомуникации, како и на компанијата за за трговија и транспорт на гориво ЕКО.
Медиумите на Кипар пишуваат дека зад хакерските напади стои групата „LulzSec Black“ поради поддршката на земјата за Израел, кои претходно ги најавиле своите сајбер активности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа