Кабинетот на Османи: „За жалење“ е начинот на кој е разрешен инцидентот на скопскиот аеродром

 

Кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи, соопшти дека е „за жалење“ начинот на кој беше разрешен инцидентот на скопскиот аеродром на вчерашната прес-конференција на двајцата премиери, бидејќи, како што оценува „уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово“. 

Она што се случи на аеродромот во Скопје, според кабинетот на Османи е „јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во светот“ и посочува дека очекува да биде известено за преземените мерки. 

-Иако го цениме изразот на жалење од страна на премиерот на Северна Македонија, за жал, досега институциите на Северна Македонија во ниту еден момент не се осврнале на прашањата покренати во протестната нота поврзани со кршењето на меѓународното обичајно право во однос на Република Косово, но напротив, отворено и без никакво двоумење прифатија такво прекршување. За ова не се потребни дополнителни извештаи и истраги за ниту една фактичка состојба, бидејќи тие се целосно ирелевантни пред јавното прифаќање на институциите на Северна Македонија дека ваквото правило е намерно наметнато, и покрај јасните барања на меѓународното право, се вели во соопштението од кабинетот на косовската претседателка.

Во соопштението објавено на Фејсбук профилот на косовската претседателка, се вели дека „Претседателот на Република Косово никогаш не побарал да се пречекоруваат или прекршуваат процедурите, туку да се почитуваат меѓународните правила, како што тоа се прави во целиот свет“ и се наведуваат повеќето земји што таа ги посетила во нејзиниот мандат. 

-Според Уставот на Косово, претседателот на државата ја претставува државата внатрешно и надворешно. И покрај екстремно строгите безбедносни правила на аеродромите во огромното мнозинство од горенаведените земји, тие го прифаќаат претседателот на државата како највисок претставник на државата и никогаш не бараат да се скенира ниту личната торба, а камоли телефонот да биде полн. Потребно е скенирање на телото, бидејќи тоа, меѓу другото, би значело дека тие го третираат шефот на државата - со тоа и државата - како потенцијален ризик за тероризам. Во секоја земја во која патуваме, не е претседателот тој што бара таков третман. Овој третман автоматски го обезбедуваат земјите домаќини врз основа на известувањето од нашите амбасади за патувањето на претседателот и врз основа на обичајното меѓународно право (обврзувачки за сите земји), се наведува во соопштението од кабинетот на Османи. 

Османи, се вели со соопштението, бара почитување на државата што ја претставува, односно Република Косово и ќе продолжи да го прави тоа одлучно во согласност со меѓународните правила и принципи кои ги регулираат односите меѓу државите. 

Премиерите на двете земји Христијан Мицкоски и Албин Курти, по вчерашната средба во Скопје, порачаа дека инцидентот на скопскиот аеродром, поврзан со косовската претседателка Вјоса Османи нема да ги наруши дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Косово. Косовскиот премиер Курти, изрази очекување дека официјалниот извештај по соодветната истрага во целост и во детали ќе го расветли инцидентот што се случи на 1 август во ВИП-салонот на Скопскиот аеродром со претседателката Османи за, како што нагласи „да разбереме што точно се случило и никогаш повеќе да не ни се повторат вакви ситуации“. Мицкоски, пак, изрази уверување дека додека е тој премиер „не постојат луѓе кои што ќе бидат над законот“, и ако се утврди пречекорување во своите надлежности лицето ќе биде изведено пред правдата. Во меѓувреме, од МВР информираа дека е поднесена кривична пријава и отстранување од работното место за полицискиот службеник - началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание.

На 1 август во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа, сепак, багажот бил вратен и поминал низ скенер. 

Од кабинетот на Османи по настанот објавија дека обезбедувањето на Скопскиот аеродром се обидело да ѝ го земе личниот телефон на претседателката, што според нив  е однесување „спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Операторот на скопскиот меѓународен аеродром ТАВ Македонија, пак, категорично ги отфрли наводите дека нивниот вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на косовската претседателка. -Телефонот и беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот, посочија тогаш од ТАВ Македонија. 

 

06.08.2024 - 16:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега