ЈП „Водовод“: Граѓаните да не трошат вода на полевање бавчи и перење автомобили
Врз основа на податоците на Управата за хидрометеоролошки работи од каде се најавуваат високи температури кои деновиве достигнуваат и над 40 целзиусови степени како и податоците на ЈП Водовод и канализација – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, се апелира до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата.
Особено, Јавното претпријатие апелира да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени, но и спречување на злоупотребата преку дивите приклучоци.
Сe наведува дека со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје.
„Апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 023073 010, [email protected], www.vodovod-skopje.com.mk или преку мобилната апликација достапна за Android и iOS, и потсетуваме дека дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 23) и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело“, велат од Водовод.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа