Јовановиќ за МИА: Очекувањата се дека инфлацијата и годинава ќе биде висока
Најновите податоци покажуваат дека цените во декември имаат мало намалување во однос на ноември, од 0,2 отсто, што е позитивно, затоа што е прво намалување по скоро година и половина континуиран раст. Сепак, намалувањето е минимално и се должи на мерката на Владата за субвенционирање на цената на струјата на одредени компании од прехранбената индустрија. Поради фактот што ова намалување од декември е од еднократна природа, односно поради владината мерка за струјата, очекувањата за наредниот период се дека цените ќе продолжат да растат, оцени за МИА Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски односи.
– Конкретно, цената на храната во декември е намалена за 1,5 отсто во однос на ноември, што е многу помалку од оние 10 отсто што ги најавуваше Владата. Ова значи дека фирмите повторно ја злоупотребуваат ситуацијата, и наместо да ги намалат своите цени поради поевтината струја, повторно ги зголемуваат своите профити. И да бидам искрен, воопшто не сум зачуден од ова, затоа што не гледам апсолутно ниту една причина зошто фирмите не би се однесувале вака, кога веќе цела година го прават истото, изјави Јовановиќ за МИА.
Очекувањата за наредниот период, како што вели, се дека цените ќе продолжат да растат, но дека тоа ќе биде со побавна динамика во однос на 2022 година.
– Но, сите очекувања се дека инфлацијата и во 2023 година ќе биде доста висока. Нашиот институт, конкретно, проектира дека инфлацијата во Македонија ќе изнесува 10 отсто за цела 2023 година, што е можеби малку пониско од овие 14,2 отсто од 2022, но е сепак исклучително високо ниво, оценува Јовановиќ.
Препорачува Владата да преземе две групи на мерки за да ја ублажи ситуацијата. Првата се однесува на ставање под контрола на инфлацијата, а втората на покачување на примањата поради повисоките цени.
-За да ја стави под контрола инфлацијата, Владата треба да испрати инспекции во сите поголеми фирми од бизнисот со храната, вклучувајќи ги производителите, трговците на големо и супермаркетите, и да ги казни строго сите оние кои не ги почитувале мерките. Вакво нешто моментално се случува во Хрватска, каде многу фирми го искористија воведувањето на еврото за да ги кренат цените, и како што може тамошната влада да биде строга, така можат и нашите. Втората опција, која е подобра, но и помалку реална во Македонија, е Владата да ги ограничи цените на прехранбените производи, кога е веќе повеќе од очигледно дека сите други мерки се неефективни, потенцира Јовановиќ.
Паралелно со ова, според него, Владата треба да преземе сет на мерки за да ги покачи примањата на граѓаните, како резултат на повисоките цени.
-Треба да се зголеми минималната плата, барем за онолку колку што изнесува инфлацијата, да се покачат платите во јавниот сектор за исто толку, и да се зголемат пензиите и сите видови на социјална помош. Ако ова не се направи, десетици илјади граѓани ќе потонат во сиромаштија. Освен Владата, мислам дека е време и самите граѓани да преземат нешто поради поскапувањата, и повторно мислам дека Хрватска моментално дава добри примери. Луѓето таму почнаа да прават ѕидови на срамот, односно листи на фирми кои неоправдано ги покачиле цените. Би било добро и во Македонија некој да почне да го прави ова, а сигурен сум дека ако некој почне, многумина брзо ќе се приклучат, истакнува Јовановиќ.
Државниот завод за статистика вечера објави дека трошоците на животот во 2022 година, во однос на претходната година забележале пораст од 14,2 отсто, а цените на мало од 12,6 отсто. При тоа индексот на трошоците на животот во декември 2022 година, вo споредба со декември 2021 година, забележал пораст од 18,7 отсто, а индексот на цените на мало пораст од 15,1 отсто.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, вчера објави дека на едно четиричлено семејство во декември 2022 година му биле потребни 51.235 денари за задоволување на минималната синдикална кошничка. Според нивните пресметки на четиричлено семејство му биле неопходни 19.226,11 денари за исхрана и пијалаци, 13.093,22 денари за домување, 3.050,95 денари за одржување на хигиена, а 3.668,61 денари за превоз. За облека и обувки едно семејство во декември требало да издвои 2.255,15 денари, за култура 1.067,86, а за одржување на здравје 801,29 денари.
-Вкупно на едно четиричлено му биле неопходни 43.163,17 денари за задоволување на минималната синдикална кошничка, а кога на тоа ќе се додадат трошоците на живот, односно инфлацијата од 18,7 проценти или 8.071,51 денари се доаѓа до бројката од 51.234,68 денари, прецизираа од ССМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа