Јапонскиот премиер го отпушти сопствениот син поради забава во службена резиденција
Најстариот син на Фумио Кишида, јапонскиот премиер, ќе се повлече од функцијата извршен секретар за политика поради јавните негодувања поради тоа што ја употребил официјалната резиденција за приватна забава. Фотографиите објавени од неделникот „Шукан Буншун“ го покажуваат Шотаро Кишида и десетина други луѓе како позираат или лежат на симболично важните скали на резиденцијата покриени со црвени тепих.
На други фотографии направени на забавата одржана на 30 декември минатата година се гледаат гости како стојат на подиумот како да одржуваат прес-конференција, пишува „Гардијан“.
Оставката на Шотаро Кишида, според медиумот, е удар за татко му, чиј рејтинг се подобри по самитот на Г7 овој месец во Хирошима и наводниот обид за атентат врз него. „Со оглед на тоа што тој е секретар за политички прашања на премиерот, што е јавна функција, неговите постапки беа несоодветни и решив да го сменам за да преземам одговорност. Се разбира, одговорноста за назначувањето е на мене“, изјави Фумио Кишида.
Тој најави дека неговиот син в четврток ќе биде заменет од долгогодишниот личен асистент Такајоши Јамамото. Главниот секретар на кабинетот, Хироказу Мацуно, претходно го опиша настанот како несоодветен и вети дека ќе се погрижи резиденцијата повторно да не биде злоупотребена.
Ова не беше првпат 32-годишниот Шотаро да биде критикуван за злоупотреба на службената положба.
Во јануари тој беше критикуван за користење на автомобилот на Амбасадата за приватни патувања во Велика Британија и Париз и за купување сувенири за членовите на кабинетот во луксузна стоковна куќа во Лондон.
Кишида рече дека жестоко го прекорил својот син, но тоа не успеало да ги смири критиките од јавноста и од опозициските пратеници, кои го обвинија за непотизам. Шотаро почна да работи за својот татко во март 2020 година откога ја напушти работата во трговска куќа.
Шотаро ја презеде функцијата секретар за политика во октомври минатата година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа