Јакимовски ја најави својата кандидатура: Карпош е 15 години пред другите општини

 


Денеска, пред претставници на медиумите, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, официјално ја најави својата кандидатура за нов мандат.

„Одлуката ја донесов по долготрајни консултации со граѓаните и по внимателно следење на јавното мислење. Сите ме знаете, мојот телефон е отворен и комуницирам со секого – токму тоа е доказ дека постои силна поддршка и желба повторно да ја водам општината,“ истакна Јакимовски.

Тој подвлече дека довербата од граѓаните не се должи на симпатии, туку на конкретни резултати. „Карпош е десет до петнаесет години пред било која општина во Македонија. Имаме модерна инфраструктура, реновирани училишта и градинки, подобрени услови за образование и спорт, како и подготвена администрација која стои зад секој реализиран проект,“ додаде
Јакимовски.

Во својот настап, тој посочи дека и понатаму постојат предизвици – пред сè паркирањето и одржувањето на хигиената и зеленилото. „Ќе инсистираме на нови законски решенија за хигиената и зеленилото, затоа што е недозволиво десетина градоначалници и стотици функционери да бидат надлежни, а резултатите да бидат катастрофални. Одговорноста мора да е
јасна и да дојде кај локалната самоуправа,“ нагласи тој.

Јакимовски потенцираше дека Карпош ќе продолжи со унапредување на училиштата – со нови системи за греење и ладење, топлотни пумпи и батерии за складирање струја, што дополнително ќе ги намали трошоците. Ќе се зголемат стимулациите за реновирање на кровови и лифтови, ќе се продолжи со субвенциите за полагање возачки испити за средношколци, а
проектите ќе се прошират со покривање на дополнителни трошоци.

Најавени се и нови стимулации за бушотини и системи за наводнување, субвенции за електрични возила во општината, поголем акцент на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина.

„Карпош мора да има свој пензионерски дом со капацитет од 150 до 200 легла. Тоа е голема потреба за нашите повозрасни сограѓани, и како општина ќе вложиме напори да обезбедиме финансиска конструкција за реализација,“ изјави Јакимовски.

Тој ја заокружи изјавата со порака дека Карпош секогаш ќе биде чекор пред останатите општини и дека изборите се можност за граѓаните повторно да ја одберат патеката на развој, а не тапкање во место.

11.09.2025 - 13:49

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега