Јакимовски: Бугарското прашање треба да се затвори комплетно
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски во интервју за Телевизија Телма ги претстави клучните столбови од својата програма.
Според Јакимовски на државата и се потребни коренити промени во клучните сегменти за државата конечно да биде средена.
Мора да го реформираме образованието, да имаме образование кое ќе дава знаење а не петки, второ реформи во здравство затоа што како сме тргнале за 5 до 7 години од денес надрилекари ќе не лечат, тоа е фундаментот на едно општество. Потоа реформа во гломазната неефикасна администрација. Тоа еден претседател на државата не смее да го премолчи“ порача Јакимовски.
Во делот на уставните надлежности, Јакимовски најави дека ќе постави началник на Генералштаб кој ќе биде со високо образование магистер или доктор на науки и да зборува одлично барем еден севетски јазик.
Осврнувајќи се на надворешната политика Јакимовски порача дека ќе се залага за поголема почит од страна на меѓународните партнери, додека за проблемот со Бугарија, смета дека тоа прашање треба еднаш засекогаш да се затвори во целост.
„Не сум децидно против внесувањето на Бугарите во уставот, но сум децидно за комплетно затворање на бугарското прашање. Тоа значи тој целиот пакет да се затвори. Јас и на лидерската средба го поставив прашањето: Ќе дадете ли одговор за тоа дали сме нација од 1944, или сме биле откако постоиме? Второ, дали нашиот јазик е бугарско наречје, или е посебен македонски јазик? Дајте одговор на овие две прашања, а за историските личности историчарите нека вадат документи, нека вадат докази дали некој бил Бугарин, дали бил Македонец, можеби и никогаш нема да се договорат, но тоа не може да биде услов за наш влез во ЕУ“ порача кандидатот Јакимовски.
Ако не добиеме одговори на овие две прашања, додаде Јакимовски, јас не можам да се сложам со внесувањето на Бугарите во Уставот да биде услов за влез во ЕУ.
Јакимовски се осврна и на финансирање на кампањата за претседателските избори, оценувајќи дека некои од кандидатите се очигледно фаворизирани пред останатите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа