Исмаил од Левица: ВМРО-ДПМНЕ во целост го почитува Преспанскиот договор, сè друго е само театар

 

Новиот пратеник во македонското Собрание, Реџеп Исмаил од Левица, смета дека за победникот на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ, Преспанскиот договор е готова работа и оваа партија не само што нема намера да го промени или целосно да го отфрли, напротив - се обидува да го почитува во целост.
 
Исмаил го коментираше и чинот на давање заклетва на претседателката Гордана Силјановска - Давкова, која наместо Република Северна Македонија како што пишуваше во официјалниот документ, кажа само Македонија.
 
- Сето тоа, мене ми изгледа како театар. Инаку, честитам на онаа првична пркос да не го изговори неуставното име, Северна Македонија. Од една страна, СДСМ и албанскиве партии се загрижија дека треба да се почитува Уставот итн., но од друга страна, која е оправданоста на про-вмро јавноста? Они како да тргнаа во оправдување на Преспанскиот договор, односно во негово доследно применување. Значи, според Преспанскиот договор може да се каже Македонија, односно за нив е супер Преспанскиот договор - вели Исмаил во утринската програма на ,,Слободен печат".
 
Новиот пратеник од Левица, Реџеп Исмаил - Хактан, истакна дека не е сигурен ниту во искрените намери на новото владејачко мнозинство, стравувајќи дека на земјава би можела да ѝ се повтори, според него, слична ситуација како во времето од владеењето на Никола Груевски.
 
Исмаил говореше и за релативниот успех на Левица на изборите и освојувањето на шест пратенички места во Парламентот.
 
- Без големи пари, но со кристално чиста идеологија и конзистентност во работата, ние успеавме да дојдеме до поголем број на гласови - посочи тој.
15.05.2024 - 09:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега