Хелсинки: Една година без жртви во сообраќајни несреќи

 

Главниот град на Финска, Хелсинки, стана исклучителен пример за велеград во Европа, во кој никој не загинал во сообраќајна несреќа на улиците во изминатата година, објави германскиот портал „Тагешау“.

Според податоците од полицијата во Хелсинки, немало жртви во сообраќајни несреќи од јули 2024 година. Градските власти го објаснуваат таквиот успех со воведување драстични ограничувања на брзината и поголема безбедност за пешаците на улиците.

Во изминатата година, во Хелсинки се случиле 277 сообраќајни несреќи во кои имало повредени, но ова е далеку помалку од приближно 1.000 несреќи и просек од 30 смртни случаи регистрирани кон крајот на 1980-тите. За град со 690.000 жители, ова е голем успех.

Во финскиот главен град, ограничувањето на брзината за возилата е ограничено на 30 километри на час на околу половина од улиците, првенствено во близина на градинки и училишта. Пред педесет години, ограничувањето беше 50 км/ч.

Безбедноста е зголемена и со построги контроли на брзината и генерално подобро следење на протокот на сообраќај, објави финската телевизија Иле.

Тие работеле и на едукација на децата како да се однесуваат во сообраќајот, бидејќи примарната цел била заштита на децата, пешаците и велосипедистите. Тоа, пишува Тагешау, било постигнато и со зголемување на бројот на пешачки премини и безбедни патеки за велосипедистите.

За намалување на бројот на сообраќајни несреќи во голема мерка придонело и подобрувањето и проширувањето на јавниот превоз во градот, така што се помалку граѓани во Хелсинки користат автомобили.

04.08.2025 - 21:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега