Грчките медиуми за двојните избори во Северна Македонија: Триумф на ВМРО-ДПМНЕ


Вчерашните двојни избори во Северна Македонија и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, утрово е една од главните теми во грчките медиуми, кои ги пренесуваат резултатите, коментираат дека станува збор за голем триумф, посочуваат дека земјата првпат во историјата ќе добие жена претседател, но и анализираат што доаѓањето на власт на опозициската партија ќе значи за односите со Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

„Триумф на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и претседателските избори во Северна Македонија“; „Двојна победа на националистите во Северна Македонија“; „Северна Македонија: Триумф на десничарската ВМРО-ДПМНЕ на двојните избори“; „Промена на политичката сцена во Северна Македонија“; „Целосна доминација на ВМРО на двојните избори“; „Избори во Северна Македонија: Голема победа на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ“, се дел од насловите во онлајн изданијата на медиумите во Грција, кои уште од доцна синоќа ги следеа резултатите од двојните избори.

Рано утрово текстот за изборите во Северна Македонија под наслов „Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и претседателските избори во Северна Македонија“ е меѓу трите топ теми на официјалниот сајт на грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во весникот „Та неа“ централната тема на насловната страница на денешнпто издание е текстот со наслов „Избори во Северна Македонија. Што носи двојната победа на националистите“, а и на насловната страница на весникот „Катимерини“, една од централните теми се изборите кај нас под наслов „Загриженост за доминацијата на националистите во Скопје“.

Телевизијата „Стар“, од друга страна, во синоќешното централно издание на вестите имаше директно вклучување од Скопје, поконкретно од штабот на ВМРО-ДПМНЕ за да се пренесе атмосферата.

Весникот „Катимерини“ во текстот-анализа посветен на изборите, на почетокот пишува дека „доминацијата на националистичката ВМРО на изборите во Северна Македонија предизвикува загриженост за последиците врз односите на Скопје со Софија и Атина, иако аналитичарите сметаат дека Договорот од Преспа нема да биде оспорен“.

Коментира дека „историската националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ“ се враќа на власт по седум години, откако извојува убедлива победа над социјалистите, „кои претрпеа голем пораз на вчерашните избори“.

-Прашањето – што заедно со победата за раководството на ВМРО – го поставија изборите во средата е дали сегашната партија се развила во централно десничарска проевропска политичка организација или ќе продолжи по патот на национал-популизмот и авторитарното владеење што го одреди сега пребегнатиот поранешен лидер и премиер во период од една деценија, Никола Груевски, пишува весникот.

Додава дека за тоа каква ќе биде политиката на Владата на Мицкоски, „ќе се покаже од приоритетите што ќе ги постави“, а оние кои се во заминување „зад себе оставаат земја заглавена во корупција и непотизам, но и два меѓудржавни договори, со Грција и Бугарија, кои НАТО и ЕУ ги поздравија, но ВМРО како опозиција беше против“.

Во опширната анализа, весникот се осврнува и на ставот на Грција во однос на промената на власта кај нас, коментирајќи дека „за Атина не претставува гром од ведро небо“, посочува дека иако и Силјановска и Мицкоски „континуирано се закануваа дека нема да го спроведуваат Договорот од Преспа и дека ќе одбијат да ја користат географската одредница, во Атина постои став на исчекување на сите официјалните настани што ќе следат“.

-Меѓутоа, во случај да се остварат заканите за јавна употреба на терминот „Македонија“ наместо на правилниот „Северна Македонија“, тогаш Атина ќе реагира, првично на соодветен начин, преку демарши, пред да продолжи со понатамошни потези. За потсетување, веќе постоеше реакција од Атина поради фактот што три месеци по завршувањето на преодниот рок (23 февруари) за замена на јавните документи во земјата (патни исправи, материјал од јавната администрација, лични карти, возачки дозволи, и сл.) со законските кои го наведуваат националното и меѓународно признатото име на државата, односно Република Северна Македонија, процесот се одвива со бавно темпо, пишува „Катимерини“.

09.05.2024 - 09:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега