Грчкиот министер за надворешни работи: Грција не моли, бараме спроведување на договорот од Преспа
Зборувајќи за прашањето за односите меѓу Грција и Северна Македонија, министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис во разговор за ЕРТ рече дека грчката страна бара почитување на договорот од Преспа. Тој вели дека обвинувањата од грчата опозиција се лажни и неодговараат на сложената ситуација.
„Како прво, нема апсолутно никакво молење од грчката страна. Грчката страна бара почитување на договорот. Добро знаете дека од моментот кога ќе се ратификува меѓународен договор во парламентите, тој добива сила над законите. Ниту една од двете држави не може еднострано да го ревидира овој договор. Значи, дури и кога не се согласува со она што е вклучено во договорот, мора да го спроведе. Сакам особено да укажам на различниот институционален третман во двете држави“.
Во врска со тоа што Грција сѐ уште нема ратификувано ниту еден меморандум, што е нивна обврска во согласност со договорот со Грција, Герапетритис го повтори грчкиот став дека тие ќе бидат ратификувани кога ќе дојде вистинскиот момент.
„Ќе ги донесеме во собранието, повеќепати сум кажал, кога ќе биде клучното политичко време, односно кога грчката страна ќе се увери дека има целосна усогласеност. Затоа што сите знаеме дека има точки што соседната земја не ги почитувала.
И, секако, не се повикувам на името, туку на други прашања. Сега да ви кажам што се случува со името. Најпрвин да ги видиме спецификите, институционалните. Името Република Северна Македонија стои во договорот од Преспа и според овој договор со член 20 прашањето за името не може да се менува под никакви околности. Па, тоа не е од оние работи што може да се менуваат дури и со меѓусебен договор.
Значи, нема апсолутно никакво прашање за измена бидејќи тоа беше договорено од двете страни и ратификувано и ги обврзува актуелниот грчки политички поредок и политичкиот поредок на Северна Македонија. Второ, во овој момент не е само притисокот што го врши Грција, тоа е притисокот што се врши во Северна Македонија.
Третото и најважно според мене е дека грчката страна реагира подготвено и со исклучително брзи рефлекси. Со иницијативи на МНР веднаш беа информирани надлежните од маѓународната заедницата. Имаше итна реакција и од претседателот на Европската комисија, од претседателот на Европскиот совет и од претставникот на Европската Унија, а во исто време има и меѓународен став. Со други зборови, многу земји дадоа соопштение во оваа насока. Значи, постои усогласена реакција.
И последно и важно, кои ќе бидат нашите следни чекори. Бараме почитување на договорот од Преспа. Тоа е меѓународно право и мора да се применува. Ќе ја конфигурираме рамката за да има целосна имплементација. Сите разбираме дека новото политичко раководство можеби има поинакво гледиште идеолошки, светогледно, но има и прашања што се надвор од нивната волја. Не се работи за самоопределување на секој политички функционер. Ние сите го разбираме ова, се работи за почитување на договорите и грчката влада ќе постапи во оваа насока, дозволете ми да кажам, сето тоа е институционално право што им се припишува на земјите членки на Европската Унија.
Што се однесува на Северна Македонија, услов за нејзиниот пристапен процес се лојалноста и спроведувањето на договорот од Преспа. Значи, ова е предуслов за да продолжат интеграциите“, изјави грчкиот министер за надворешни работи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа